1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германското стопанство очекува Меркел да ги реализира ветувањата

ЗЈ/дпа22 септември 2013

Претставниците на водечките здруженија на германското стопанство и економски експерти ја поздравија победата на Ангела Меркел на изборите за Бундестагот и ги нагласија очекувањата од неа и идната нејзина влада.

https://p.dw.com/p/19m6J
Фотографија: Reuters

За Марио Оховен, претседател на Сојузното здружение на стопанството на средниот сталеж, Меркел постигна „сјаен резултат“. Но, тој предупреди: „Нашата земја се наоѓа пред огромни предизвици: еврото, енергетиката, даноците, стручна работна сила - да споменам само четири. (...) Ќе ја држиме госпоѓа Меркел за збор: веќе во 2014 година мора да има урамнотежен буџет. Средното стопанство - моторот за работни места - има неодложна потреба од растоварување од даноци и други давачки, со оглед на експлозивниот пораст на цените на енергијата. Црно-жолтата коалиција многу вети во 2009 година, но премалку од тоа реализира. Сега Сојузната канцеларка мора да го стори тоа.“

Антон Бернер, претседател на Здружението на извозниците, оцени дека не очекувал толку добар резултат на ЦДУ, што ѝ го припиша на Ангела Меркел. Тој нагласи дека има многу опции за формирање стабилна влада, што е „важно за Германија и за Европа, како и за финансиските пазари.“

„Партиите во предизборната борба премалку зборуваа за една насочена економска и индустриска политика“, забележува Улрих Грило, претседател на Здружението на германската индустрија. Не е доволно само да се зборува за прераспределба, благосостојбата мораме прво да ја заработиме.“

Frankfurt Börse Dax 19.09.2013
Фотографија: Reuters

Михаел Хитер, директор на Институтот на германското стопанство од Келн, блиско до работодавачите, во однос на очекувањата вели: „Ако Унијата (ЦДУ/ЦСУ, н.з.) постигна апсолутно мнозинство, едно е јасно; ќе нема покачување на данокот. На сите им е јасно и дека мора да се преиспита концептот за енергетски пресврт, мора да се спречи натамошен пораст на цените на струјата. Би можело да биде воведена и патарина, а парите од неа да бидат целесообразно насочени кон подобрување на инфраструктурата.“

Михаел Хајзе, главен економист на „Алијанц“, не очекува големи скокови на курсовите на берзите, „оти Унијата во предизборната кампања не се профилира како голем реформска сила на проблематичните полиња инвестициите, образованието и енергетскиот пресврт. За пазарите првенствено е важно да има брзо решение за формирање влада. Голема коалиција не е некаква застрашувачка слика. СПД докажа дека може да носи суштинска одговорност на стопански план, и тоа се хонорира и во странство“.

Претставниците на стопанството искажаа жалење поради неуспехот на либералите. „Идеите на либералите не унапредија во изминатите легислативни периоди“, рече Улрих Грило.