1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германското чудо на проба

Клаус Улрих / Елизабета Милошевска Фиданоска6 август 2012

Во цела Европа владее кризно расположение, само германскиот пазар на работна сила се покажува цврст. Сепак, покажуваат ли масовните отпуштања работници во некои големи претпријатија вртење на листот?

https://p.dw.com/p/15gy9
Фотографија: picture-alliance/dpa

На ранг листата на уништувачи на работни места трговијата во моментов е на прво место. Со банкротот на дрогериите „Шлекер“, отпуштени беа 25.000 работници. Синџирот стоковни куќи „Карштад“ треба да скрати 2.000 работни места, онлајн-трговското претпријатие „Некерман“ ќе отпушти околу 1.400 работници, а трговскиот концерн „Метро“ пак - 900.

Кај големите енергетски концерни „РВЕ“ и „Еон“ се загрозени 16.000 работни места. Пресвртот во сферата на енергијата за кој се залага владата, вклучително и откажување од атомската енергија, остава свои траги.

Предизвици за пазарот на работна сила

Дали е ова почеток на крајот на германското чудо во сферата на вработување? Експерти за пазарот на работна сила како Ханс-Пеер Клес од Институтот на германската економија во Келн, даваат релаксирачки сигнали:

„Сметаме дека германскиот пазар на работна сила, исто како во минатото, всушност има добра структура за да ги издржи предизвиците“, вели Клес за ДВ.

Schlecker Ausverkauf
„Шлекер“ пропадна, но тоа не делува многу на вкупната статистика за работни места во ГерманијаФотографија: dapd

Зашто, не смее да се заборави дека демографскиот развој во Германија оди во насока на намалување на понудата за работа. Истовремено пак, во некои бранши веќе се чувствува недостиг од работна сила. Тој недостиг во делови од стопанството е навистина изразен.

Првичен индикатор

Пазарот на работна сила реагира како класичен „првичен индикатор“ за можно слабеење на конјуктурата. Затоа, месечните бројки за невработеноста треба добро да се следат. Таму веќе има индиции за умерен пад на порастот, но не може да се каже дека пазарот на работна сила во догледно време ќе доживее пресврт во негативна насока.

Symbolbild Arbeit Deutschland Arbeitsvertrag
Во Германија има 29 милиони вработениФотографија: Fotolia/Gina Sanders

„Во јавното восприемање има извесна асиметрија“, нагласува Клес категорично. „Ние сме многу внимателни кога слушаме дека големите претпријатија претставуваат планови за намалување на работни места, но воопшто не примаме до знаење кога имаме низа ’мали вести’ за намалување на работни места во шареното германско стопанство.“

Голема динамика

Ваквото мислење го дели и Александер Херцог-Штајн, експерт за пазар на работна сила во фондацијата „Ханс Беклер“, која е блиска до синдикатот. Масовни отпуштања, како во случајот на „Шлекер“, поради тоа што за нив се известува наголемо и нашироко, делуваат драматично. Но, тие не се одраз на вкупниот развој на пазарот на работна сила „затоа што пазарот во текот на една година динамично се менува“, вели Херцог-Штајн за ДВ.

Symbolbild Aufschwung Werbeplakat der Bundesregierung mit der Aufschrift Aufschwung Krise
Криза? Не, барем засега!Фотографија: picture alliance/XAMAX

Во текот на една година, милиони луѓе ги менуваат работните места или остануваат без работа. Речиси исто толку луѓе повторно наоѓаат работа. „Треба да си претставиме дека во текот на една година се губат седум милиони работни места и отприлика седум милиони се отвораат“, нагласува Херцог-Штајн.

Последици на должничката криза

Во Германија 29 милиони луѓе се вработени и притоа плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Значи речиси една четвртина од тие работни места во текот на една година се крати и отприлика исто толку работни места се отвораат. Притоа, се „губат“, односно отпаѓаат по неколку десетици илјади работни места. Колку тоа и да изгледа во одделни случаи драматично, статистички погледнато тој број одвај да има некаква тежина.

Специфичните кратења работни места во трговијата или кај енергетските концерни речиси и не предизвикуваат создавање брчки на челото на експертите. Последиците од должничката криза и загриженоста поради можниот распад на еврозоната имаат многу поголема тежина.

Symbolbild Arbeitsmarkt Deutschland stabil
Фотографија: AP

Херцог-Штајн оценува дека во наредните две години е многу веројатна промена на трендот на германскит пазар на работна сила. Поради мерките за штедење што ги налага кризата, во европски рамки треба да се очекуваат падови, на кои имуна не може да остане ниту Германија. Ханс-Петер Клес пак, не е на такво мислење. Тој смета дека замрачувањето на расположението во светската економија не може да се занемари и таа сигурно во догледно време ќе влијае врз германскиот пазар на работна сила, но „тоа нема да значи темелен пресврт на работите на пазарот на работна сила“.