1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците воодушевени од Симон Трпчески

11 март 2012

Симон Трпчески ја освои германската публика. По петочниот концерт во Бамберг, вчеравечер (10.03.) тој настапи во Штадхале во Бајројт. Настапите со оркестарот „Бамбергер Синфоникер“ завршуваат вечерва во Швајнфурт.

https://p.dw.com/p/14IvE
Фотографија: DW

Германската публика што беше присутна во „Штадхале“ во Бајројт со силно ракоплескање и тропање со нозете го поздрави настапот на Трпчевски, кој со еден од десетте најдобри германски оркестри, „Бамбергер Синфоникер“, го отсвири „Концертот број 2“ од Сергеј Рахмањинов.

„Еден германски танц од Шуберт“, им се обрати Симон Трпчески на германски јазик на присутните во салата, откако се врати на бис.

Публиката зборува во суперлативи

Публиката по концертот излезе задоволна од салата. Своите впечатоци дел од неа ги искажаа за Дојче веле. Најчесто посетителите накусо одговараа – одлично!

„Пијанистот беше од висока класа. Би рекла светски формат. Мене многу, многу ми се допадна и тој откако се’ отсвири, ме фасцинираше со каква спремност со прстите и со каков ентузијазам свири овој уметник. Мене многу ми се допадна“, вели за Дојче веле Бригите Трауш.

И друга посетителка рече дека е воодушевена. Се претстави како госпоѓа Кик. „Имам многу добар впечаток. Прекрасно беше. Пијанистот сосема ме воодушеви. За мене беше сосема големо доживување“, рече таа.

Simon Trpceski Pianist aus Mazedonien
Блескави оценки за настапот на Симон Трпчески во БајројтФотографија: DW

За Шојан Штул, повозрасен господин што го следеше концертот, она што го отсвирел Трпчески било нешто „сосема ново“ што до сега „не го слушнал“. Тој смета дека Трпчевски „е пијанист од прва класа“.

„Пијанистот беше вистинска појава, сосема извонреден, имаше прекрасна лична интерпретација. Беше многу изразен во брзината, а оркестарот суптилно го следеше. Пријатно за слушање, многу позитивно“, рече Шојан Штул.

Дел од публиката забележа дека чувствата на уметникот биле почувствувани.

„Тој веројатно свиреше со чувства, покажа многу емоции и многу ме воодушеви“, рече Хот Хегел, еден од присутните на концертот.

Дел од публиката забележа дека Трпчески направил сензација. Таков коментар даде и Орст Браун.

„Сосема сум воодушевен од пијанистот, бидејќи тој на неверојатен начин изгради мост до виртуозноста. Сметам дека е супер“, рече тој.

Трпчески од Чешка или Молдавија?

Дојче веле ги праша дел од присутните дали знаат од каде доаѓа пијанистот? Најголем дел одговорија дека не знаат, но имаше и такви што тврдеа дека знаат оти тој доаѓа од Чешка или Молдавија. Дел од публиката, пак, беше подобро информирана.

„Слушнав дека доаѓа од Македонија. Ја знам Македонија од мојата црковна работа овде и забележувам дека земјата се развива и оди напред и дека многу уметници ќе можат да продолжат да се школуваат и оти очигледно се ќе биде во ред“, забележа Орст Брун.

По завршувањето на гостувањето во Германија, Симон Трпчески ќе се подготвува за турнеја низ Велика Британија.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Ж. Ацеска