1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците гледаат закана во исламот

Маркус Литике/ Жана Ацеска30 април 2013

За големото мнозинство Германци е важна отвореноста кон другите религии. Тоа произлегува од актуелна студија, според која кон исламот постојат значителни задршки.

https://p.dw.com/p/18PSu
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Исламот во меѓувреме припаѓа и кон Германија“. За оваа изјава поранешниот германски претседател Кристијан Вулф во 2010 година пожнеа бројни пофалби и остри критки. Половината од германските граѓани смета дека исламот не се вклопува во западниот свет.

Ова сознание е резултат на „Верскиот монитор“, студија на фондацијата Бертелсман, чии први резултати беа претставени оваа недела. За репрезентативната студија за општественото значење на религијата и вредностите, во Германија и 12 други земји биле анкетирани вкупно 14.000 луѓе.

Moscheen in Deutschland 2012 Duisburg Merkez Moschee
Џамиите во Германија организираат „Ден на отворени врати“Фотографија: Getty Images

Од нив, 85 проценти се целосно или делумно согласни со ставот - треба да постои отвореност кон сите религии. Поголем дел од религиите населението ги смета и за обогатување. Тоа важи, покрај христијанството, посебно и за будизмот. Тесно мнозинство од 51 процент го смета исламот за закана. Професор Детлеф Полак, социолог по религија и коавтор на студијата, одговорноста за негативното гледиште ја лоцира во недоволниот личен контакт меѓу муслиманите и христијаните. Во источна Германија е уште поголем процентот на оние кои исламот го сметаат за заканувачки отколку во западниот дел од земјата, иако во новите германски покраини живеат само два проценти од вкупниот број муслимани во Германија.

Вината што еврејската религија, будизмот и хиндуизмот се значително попозитивно вреднувани од исламот, иако и кон овие религии постојат малку директни контакти, Полак им ја припишува и на медиумите: „Медиумите за будизмот и хиндуизмот посредуваат слика на мировноориентирана религија, додека сликата за муслиманите носи печат на фанатизам и агресивност“, вели Полак во разговор за Дојче веле.

Detlef Pollack
Детлеф ПолакФотографија: Brigitte Heeke

Муслиманите и самокритиката

Слични причини за стравот од исламот изнесува и претседателот на Централниот совет на муслиманите во Германија, Ајман Мациек: „Во медиумите постојано се прикажувани екстремистички групи. Вербално, често не се прави јасна граница меѓу религијата и екстремизмот. Така, по нападот врз маратонот во Бостон, се зборуваше за ’исламистичка мрежа’ на атентаторите“.

Мациек меѓутоа гледа простор и за самокритика: „Муслиманите треба уште повеќе да ги засучат ракавите, да се вклучат во општеството и јасно да се произнесат дека ја прифаќаат оваа земја“.

Политиката и верските заедници во Германија со години вложуваат напори за поттик на дијалогот меѓу различните религии во земјата. Исламските верски заедници во Германија уште од 1997 година ја организираат на 3 октомври манифестацијата „Ден на отворени џамии“. И еврејските заедници на различни термини ги канат граѓаните во нивните синагоги.

Исламот се смета за закана не само во Германија, туку и во другите западни држави. Така, 76 проценти од Израелците, 60 насто од Шпанците, 50 проценти од Швајцарците и 42 насто од Американците оваа религија ја оценуваат за заканувачка. Во Јужна Кореја напротив со ова мислење се само 16 проценти, а во Индија- 30 насто.

Aiman A. Mazyek Podiumsdiskussion Judisches Museum Berlin
Ајман МациекФотографија: yunay.de

Важен е степенот на образование

Меѓутоа, постојат и западни земји, како Франција, Велика Британија или Холандија, во кои исламот се вреднува попозитивно отколку во Германија. За социологот Детлеф Полак важна улога притоа игра образовното ниво на муслиманската група во овие држави.

„Во Германија, меѓу доселениците муслимани има мал дел со високо образование. Тоа се разбира влијае и врз перцепцијата, особено за муслиманските доселеници“.

Во многу соседни држави шансите за образование се поголеми, исто така е поголем и уделот на доселениците кои се искачуваат на општествената скала.

Но, студијата покажува и охрабрувачки резултати: така христијаните, муслиманите и атеистите во Германија во големо мнозинство се убедени во тоа дека демократијата е добра форма на владеење, кај муслиманите и атеистите дури со 80 проценти, кај христијаните - 90 проценти. Сите групи исто така во мнозинство ја поддржуваат одделеноста на политиката од верата.