1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците луди по страстното танго

4 септември 2010

Ширењето на темпераментното танго е незапирливо-прво УНЕСКО го прогласи за светско културно наследство, а потоа АДТВ, најголемата организација на танцовите школи во Германија, го прогласи за танц на годината.

https://p.dw.com/p/P3DD
Спој на телата и душитеФотографија: AP

Тангото, или како што би рекле познавачите, танго аргентино, полека но сигурно ги освојува танцовите подиуми од Алпите до Балтикот.

Но, тангото не е едноставно. Во многубројните школи за танц низ Германија учителите трпеливо им ја објаснуваат тајната на аргентинското танго на своите понекогаш вкочанети посетители на часовите. На бројните милонги како што добро упатените ги нарекуваат собирите за танцување на кои се‘ се врти околу тангото, љубителите на страсните танцови движења со потекло од Аргентина, на еден собир во Келн подготвено ги објаснуваат предностите на тангото. „Прекрасно е да се игра и валцер, но тангото е нешто посебно. Самиот поим танго доаѓа од латинскиот ’tangere’ што значи допирање, а тангото навистина е допир и спојување на две тела и две души. Тоа полека станува како дрога и човек потоа сака постојано да танцува“, објаснуваат воодушевените учесници на школата за танц.

Tangokurs in Köln (Foto: DW / Suzanne Cords)
Курс за танго во КелнФотографија: DW

Еден од најубавите и најтешки танци

Сцената во Германија е добро организирана. На многубројните интернет страници „зависниците“ од танго можат да дознаат каде се одржува следната милонга, да најдат партнер за танц, а туристичките агенции нудат и патувања посебно по мерката на поклониците на танго култот. Но, до моментот кога недефинираните движења се претвораат во перфектно движење по паркетот, треба да се помине долг пат. Долгогодишната учителка по танго Норма Раимонди мисли дека тангото е еден од најубавите и најкомплицирани танци. „Тангото е еден од најтешките танци на светот. Малото движење на мажот со градите нанапред на чуден начин директно се пренесува на движењето на нозете на партнерката. Се‘ е импровизација, тука нема напамет научени движења. Секако дека тоа зависи од талентот на танцувачите, но мислам дека се потребни најмалку три години за да се прифати спонтаното реагирање на ритмот,“ вели Раимонди.

Tangokurs in Köln (Foto: DW / Suzanne Cords)
Фотографија: DW

Тајната е во страста

Учителот по танго Даниел Перусин смета дека тајната на успехот на тангото, посебно во Германија, лежи во неговата страст и интензивниот телесен контакт. „Тоа е она што ги привлекува луѓето во тангото, да се чувствуваат припиени, а притоа се препуштаат на музиката, тоа е навистина необјаснуво чувство.“

Тангото е родено во еден приморски кварт во Буенос Аирес, Ла Боце. Овде кон крајот на 19 век се стопиле разните влијанија кои доселениците ги донесле од своите татковини. Резултат е страсен танц кој токму поради својата отворена еротизираност на многумина од северот им создава почетнички проблеми: „Најголемиот проблем е што германските мажи кон жените се однесуваат многу пасивно и чекаат жените да го направат првиот чекор. Тоа е така кај флертувањето, но и кај танцот. Германскиот маж секогаш мисли дека жената ќе се вознемири ако и‘ се пристапи отворено“, забележува Аргентинецот Перусин.

Flamenco in Argentinien
До совршенство со многу вежбањеФотографија: AP

До успехот има долг пат

Секој почеток е тежок, но порано или подоцна сите внатрешни пречки исчезнуваат.

Џани тангото го открил пред неколку години и во меѓувреме целосно му се препуштил: „Танцувам околу две години, сега сум во напредниот степен. Тангото до таа мера ме фасцинира што веќе не можам да го замислам животот без него. Нема ништо поубаво од танцот со партнерката, се‘ е толку лесно, па воопшто немаш чувство дека некого туркаш пред себе. Тоа е како допир на две души на подиумот за танц“.

Автор: Сузане Кордс/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска