1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците ќе учествуваат на олимпијадата во Пекинг

З. Јордановски / Агенции25 март 2008

Во екот на дебатата околу евентуален бојкот на претстојните олимписки игри во Пекинг поради крвавите настани во Тибет, Германскиот олимписки спортски сојуз категорично се изјасни за учество на олимпијадата.

https://p.dw.com/p/DTwm
Томас Бах, претседател на Германскиот олимписки спортски сојузФотографија: PA/dpa

Решението е донесено „по одмерувањето на сите аргументи и земањето предвид на својата одговорност спрема спортистите“ - се вели во соопштението на Германскиот олимписки спортски сојуз. Во бего се нагласува дека спортот има улога да поттикнува разбирање, „негова задача е да гради мостови, а не да подигнува ѕидови“ и поради тоа не е подобен како политичко средство. Токму во политички критични ситуации е „посебно важна пораката што произлегува од олимписките игри, за ненасилен натпревар и дијалог на спортистите од сите 205 национални олимписки комитети во светот“.

Сојузот ја критикува состојбата со човековите права во Кина како „незадоволителна“, и ја „осуди секоја форма на насилство како спротивна на принципите на спортот“. Решението, подржано и од сите врвни поединечни спортски сојузи, било донесено по консултации со организациите за човекови права Амнести интернешенел и Хјумен рајтс воч. Германскиот олимписки спортски сојуз се повикува и на ставовите на германската влада, на генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, како и на самиот врховен водач на Тибетанците Далај Лама.

Бојкот би им наштетил на спортистите

Претседателот на Сојузот Томас Бах во разговор за телевизијата ЦДФ нагласи: „Спортот може да го поттикне дијалогот, тоа е негова задача. Инаку, бојкотите секогаш досега беа посебно безуспешни“. Олимписките игри не можат да и’ служат на политиката како залог, смета Михаил Веспер, генерален директор на Сојузот: „Бојкот не би му помогнал никому, но би им наштетил на спортистите, кои со години, понекогаш и цела деценија се подготвуваат за учество на тој најголем празник на спортот во светот. Ако конфликтот сега не биде свртен на мирен пат, ако Кина не дозволи човекови права во Тибет, таа ризикува врз олимпијадата да падне сенка, а тое не може да е од интерес за кинеското раководство“ – изјави Веспер.

Во политиката – про и контра бојкот

Во Германија е се’ погласна критиката на умерените реакции на спортските организации. Од една страна претседателот на Комисијата за спорт во Бундестагот Петер Данкерт побара учество на игрите, а од друга претседателот на комисијата за надворешна политика Рупрехт Поленц вели: „Ние не знаеме како натамошно ќе се развива ситуацијата. Тоа обратно значи и дека во моментов не би исклучил бојкот, оти не можам да исклучам ни дека состојбата нема натамошно да се влошува“.

Шефот на фракцијата на Зелените Фриц Кун побара спортските сојузи конечно да сторат повеќе, отколку „само да велат ’спортот е спорт“. Претседателот на либералите Гидо Вестервеле смета дека бојкот, освен краткорочно симболично значење, не би донел никаква полза. Европарламентарецот Елмар Брок, пак, изнесе идеја олимписките игри постојано да се одржуваат таму, каде што и настанаа – во Грција, и тоа по можност почнувајќи уште од годинава. Некогашната врвна атлетичарка Хајди Шилер, која во 1972-ра година положи олимписка заклетва како прва спортистка, се изјасни за бојкот само на свеченото отворање на олимпијадата.