1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гете, ЕЦБ и ѓаволската политика

Данхонг Жанг / Александар Методијев6 октомври 2012

Каква е поврзаноста на Гете со Европската централна банка? Има и тоа каква, сметаат учесниците на јавната расправа во Бундесбанката. Гете се својот „Фауст втор дел“ погоди во сржта на проблемите на монетарната политика.

https://p.dw.com/p/16IIJ
Фотографија: DW

Кратко пред карневалот кралот со задоволство би славел, но нема пари. Во тоа време се појавува ѓаволот во ликот на Мефисто и му советува едноставно да печати пари. Владетелот се согласува. Сите се воодушевени од хартиените пари. Државата може да се ослободи од својот долг. Народот почнува да троши на големо.

Така Јохан Волфганг фон Гете во своето дело „Фауст втор дел“ гледа на банкнотите и финансиите. Она што со сигурност не го ни насетувал е дека таа тема денес, 180 години по објавувањето на неговото дело, ќе биде поактуелна од кога било претходно. Развојот на должничката криза има се’ повеќе паралели со Гетеовиот „Фауст“. Се чини дека Европската централна банка (ЕЦБ) всушност ја следи царевата тактика кога ја најавува помошта за земјите во криза со печатење на свежи пари.

Gemälde in der Bundesbank, Köln
Во зградата на Бундесбанката во Келн се наоѓа оваа слика на тема - Гетеовиот „Фауст“ и искушенијата од банкнотитеФотографија: DW

Германската централна банка против ЕЦБ

Тие планови на ЕЦБ се најдоа на ударот на критиката на германските економисти. Меѓу нив најгласен е Јенс Вајдман, претседател на Германската централна банка - Бундесбанк. Тој потсети на Гетеовиот „Фауст“ и на сите им беше јасно кон кого е наменета неговата порака.

„Страните се толку среќни за наводната корист што не ни насетуваат дека развојот ќе го испуштаат од раце“, рече Јенс Вајдман.

ЕЦБ ќе стане роб на својата сопствена политика, убеден е Отмар Исинг, поранешен главен економист во Европската централна банка. Тој предупредува дека ЕЦБ може да има проблеми со политичарите и економистите кога ќе одлучи да ги намали количествата на свежи пари кои ги исфрла на пазарот. Но, доколку во вистински момент не успее да го намали печатењето на парите, тогаш тие пари ќе загубат на вредност. Последицата е инфлација.

Ottmar Issing, Thomas Mayer
Отмар Исинг (лево) и Томас Мајер (десно)Фотографија: DW

Историјата на парите е и историја на постојано искушение проблемите со финансирањето на државата да се решаваат со печатење на свежи пари, што како последица има нивно обезвреднување. За Јенс Вајдман затоа од пресудна важност е независноста на Централната банка, за да се задржи довербата од граѓаните. Но, тој предупредува:

„За довербата е значајно банкарите од централните банки, кои управуваат со стабилните пари како јавно добро, исто така јавно и да поднесуваат сметки“, вели Вајдман.

Плодно тло за идна криза

Лабавата монетарна политика носи со себе огромни разлики. Така, политиката на ниски камати која ја воведе Американската централна банка доведе до создавање на различни финансиски „меури од сапуница“, чие пукање ја предизвика економската и финансиска криза, смета Томас Мајер, советник во германската банкарска институција Дојче Банк.

„Тоа се истите луѓе кои практично ништо не научија од своите грешки и денес продолжуваат да работат по старо. Кој знае каде ќе завршиме“, прашува Мајер.

Bundesbank Jens Weidmann
Јенс Вајдман ја критикува Европската централна банкаФотографија: Reuters

Јоахим Нагел, член на управниот одбор на Бундесбанката, смета дека она што го прави ЕЦБ е далеку поризично од програмата за купување на обврзници, која ја спроведува Американската централна банка, бидејќи „таа не ги купува обврзниците на своите сојузни држави. Таа ги купува државните обврзници на САД“. А, тие обврзници, за разлика од шпанските или италијанските, се’ уште имаат топ-бонитет.

Очигледно не може да се предвиди каде води ваквата монетарна политика во еврозоната. Во Гетеовиот „Фауст“ експериментот со банкнотите заврши трагично. Јенс Вајдман тоа вака го изрази со економски речник.

„Во понатамошниот развој на настаните ваквото весело работење ќе се изроди во инфлација и финансиите поради рапидното обезвреднување на парите ќе бидат уништени“, нагласи Вајдман.