1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гејтс бара поголем ангажман во Авганистан

Petersmann, Sandra5 декември 2007

Американскиот министер за одбрана Роберт Гејтс бара од европските сојузници поголем ангажман на боиштето во Авганистан.

https://p.dw.com/p/CXHX
Американскиот министер за одбрана, Роберт Гејтс


При посетата на Кабул, Гејтс нагласи дека натамошниот ангажман на Алијансата во Авганистан ќе биде главна тема на средбата со неговите колеги од НАТО за помалку од две недели.


„Мојата посета на Авганистан се случува на помалку од две недели спроти средбата на НАТО министрите за одбрана. На неа пред се‘ ќе разговараме за ситуацијата на југот, каде Талибанците и Ал Каеда годинава значително ги засилија терористичките напади. Сето она што дознав овде за време на посетата ќе го искористам за да извршам притисок врз нашите европски партнери за да ги удвојат нивните напори. Тие мораат да ги проучат стратегиите кои донесоа успех на други места„ – порача во кабул американскиот министер за одбрана Роберт Гејтс.


Тој сака повеќе војници од Европа и тоа такви кои ќе се ангажираат во борбите. Гејтс исто бара и повеќе офанзивно оружје од европските сојузници, како и повеќе инструктори за авганистанската војска и полиција.


„Нашите непријатели се ладнокрвни и неуништиви. Тие нема туку така да исчезнат. И како што ни покажа и новата порака на Осама бин Ладен насочена кон Европа, нашите непријатели сметаат дека ние нема да ги исполниме ветувањата. Тие се уверени дека ќе заборавиме оти безбедноста на нашите народи зависи од безбедноста на Авганистан.„