1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Геј- оџа кој се бори за толеранција

Наоми Конрад/Н. Домазетовиќ5 август 2016

Лудовик-Мохамед Захед го посвети својот живот за да ги убеди другите дека е можно да се биде добар муслиман - и да се биде геј. Во неговата џамија во Париз сите се добредојдени, но само тој знае колку е тешка оваа битка.

https://p.dw.com/p/1JVxI
Imam Ludovic-Mohamed Zahed
Фотографија: Getty Images/AP Photo/C.Paris

Кога неговата мајка му рече дека таа повеќе не мисли дека е болен и слаб, или со други зборови дегенерик, Лудовик-Мохамед Захед ни кажа дека почувствувал вртоглавица. Бил премногу шокиран за да почувствува гордост и олеснување. „Таа ми кажа, можеш да си најдеш маж ако сакаш, исто како твојата сестра. Јас те прифаќам.“

Захед зборува вешто и со страст за својата мисија затоа што досега се навикнал дека своите верувања секогаш ќе треба да ги брани. Нему му беа потребни десет години за да го убеди своето семејство, кое инаку е по потекло од Тунис, дека не е „геј кого може да го навредуваат и тепаат како куче", туку хомосексуалец и убеден муслиман кој во 2012 година ја отвори т.н. "Инклузивна џамија", во која добредојдени се сите луѓе од сите сексуални ориентации. Во 2011 година тој склучи брак со својот партнер и ни раскажа како и неговата мајка присуствувала на свадбата.

Ништо од ова, особено во муслиманскиот свет, само по себе не е разбирливо. Но Захед ни објаснува дека муслиманските општества подолго време се многу потолерантни кон хомосексуалноста за разлика од западните каде хомосексуалноста се смета за непростлив грев, злостор кој го прават настрани личности.

Денес се случува обратното. Многу, иако не сите земји од Западот, прифатија закони кои ги почитуваат правата на ЛГБТ заедницата, додека во муслиманскиот свет, на Блискиот и Средниот Исток на пример, речиси и да нема земја која не следи конзервативни и патријархални норми во општеството. Во некои земји, како што се Саудиска Арабија, хомосексуалноста е „криминал" и се казнува со смрт, а во другите се казнува со години затвор. Но, ова не значи дека во овие земји не постои хомосексуалност. Таа е присутна исто како и во сите други земји. Тоа значи дека овие луѓе се принудени да глумат „нормалност“. Тие често склопуваат бракови со некој од спротивниот пол во кои не постои ни најмала трага од среќа. Тие се само за одржување на илузијата. #bbi#

Хомофобија меѓу муслиманите

Постојат одредени оази на толеранција, но и тие се често кревки. ЛГБТ активист од Египет ни вели дека тамошната заедница била насилно уништена во последните неколку месеци, а сега сите нејзини припадници живеат во страв од она што би можело да им се случи. Тие живеат двоен живот и имаат развиено систем на тајни пораки и зборови да го искажат тоа што го мислат.

Човек од Бејрут со кого разговаравме, а кој јавно ја искажува својата сексуална ориентација, е свесен дека еден ден може да се соочи со својот вујко, кој е висок функционер на шиитската милиција Хезболах. Јасно е што ќе се случи тогаш, „тој ќе ме убие“ ни вели смирено.

Но, хомофобијата не е широко распространета само кај муслиманите на Блискиот Исток, ова е сериозен проблем и меѓу муслиманите кои живеат во Европа. Кога сакавме да го слушнеме ставот на Ал Нур џамијата во Берлин каде се проповеда фундаменталистичко толкување на исламот, нејзиниот портпарол на прашањето за ставот кон хомосексуалноста ни одговори: „Жал ми е, само што ме разбудивте, не можам да ви одговорам на ова веднаш. Јавете ми се подоцна.“ Потоа тој не одговори на нашите повици.

Ендер Четин, портпаролот на берлинската Шехитлик џамија, која е дел од најголемата асоцијација на муслиманските верски институции (DITIB) тврди дека неговата џамија е отворена за сите верници и тој остро осудува каква било дискриминација, „Секој е добредојден во нашата џамија“, изјави тој за Дојче веле.

Од Здружението на хомосексуалците (LSDV) од Берлин велат дека Четин, со таквите свои ставови е исклучок, а генерално припадници на оваа популација, особено во големите џамии „во никој случај не се добредојдени, дури и во оние кои се декларираат како отворени и либерални“, вели Јерг Штајнерт. Поради тоа Штајнерт и неговата организација во Берлин го повикаа Лудовик-Мохамед Захед, сакајќи со неговиот пример да покажат дека хомосексуалноста не е во контрадикција со исламот. „И јас самиот се борев со своите два идентитети. Бев изгубен и растргнат помеѓу мојата вера и мојата сексуалност“, вели тој. Сепак сфатил дека исламот навистина значи порака за толеранција и мир и дека може да биде и муслиман и геј. #bbi#

Ништо од тоа не е запишано во Куранот

Лудовик-Мохамед Захед објаснува дека не е точно дека Куранот ја осудува хомосексуалноста. Во однос на често цитираниот пасус за Содома и Гомора, Захед ни објаснува дека според него таму станува збор за ритуално силување, а не за хомосексуалност. „Ова може да се толкува на различни начини, но тоа е лекција за сексуалното насилство многу повеќе отколку за хомосексуалноста.“

Поради ваквото негово толкување на Куранот „тој го ризикува својот живот“, тивко ни признава. Захад не спие спокојно ниту во својот дом во Франција, иако е навикнат на заканувачките пораки кои секојдневно ги добива на социјалните мрежи. Многумина го обвинуваат дека „ го сквернави исламот“ и дека поради тоа заслужува да „гори во пеколот“. Не се ретки ни отворените закани дека ќе биде убиен.

Тој признава дека понекогаш му се чини премногу борбата против омразата и предрасудите. Но и покрај тоа е уверен, дека ако е таква Божјата волја, Исламот ќе се реформира и модернизира. Ова во голема мера е поврзано со она што се проповеда во другите џамии, но уште повеќе со економскиот раст и просперитетот во арапскиот свет. „Ако имате работа и иднина, тогаш едноставно нема да ви биде гајле кој со кого е во кревет“, завршува со насмевка.