1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гладот зема данок во живот

21 јули 2011

Дванаесет милиони луѓе се загрозени од глад, која владее во државите на Рогот на Африка. ОН официјално прогласија катастрофа во регионот. Во ОН се надеваат дека по овој потег, помошта ќе почне да пристигнува побрзо.

https://p.dw.com/p/120vA
Државите на Рогот на Африка ги зафати голема сушаФотографија: Picture-Alliance/dpa

Извори од ОН наведуваат дека во двата најзагрозени региони во подрачјето на Сомалија (Бакол и Шабеле) секојдневно од глад умираат по шест деца, додека повеќе од половината се недоволно ухранети.

Официјалното прогласување на катастрофа со глад е петтиот и највисок степен што можат да го прогласат ОН за некое подрачје. Системот за предупредување во пет фази е востановен во 1984 година по големата глад во Етиопија. Поради бавната реакција на меѓународната заедница, тогаш од глад умреа повеќе од еден милион луѓе. Прогласувањето на највисоката фаза сега би требало да го алармира светот да делува.

Flash-Galerie Dürre ohne Ende Menschen in Äthiopien von Dürre und Hunger bedroht
Секое шесто дете умира од гладФотографија: picture-alliance/dpa

Според оценките на ОН гладот во наредните седмици ќе ја зафати цела Сомалија. Во моментов помош им е потребна на повеќе од 3 милиони и 700 илјади луѓе од оваа африканска земја. Од последиците од сушата страдаат дванаесет милиони луѓе во Сомалија, Кенија, Етиопија и Џибути.

Критика поради недостиг на поддршка

Хуманитарните организации предупредуваат дека за надминување на кризата се потребни повеќе од една милијарда долари. Досега на располагање има само една петина од оваа сума. Затоа се апелира до владите и приватните донатори да одвојат дополнителни средства.

Паул Бендикс од организацијата „Оксфам“ тврди дека индустриските држави се прилично воздржани кога е во прашање помош. „Придонесите од Европа мора да бидат зголемени“, предупредува Бендикс. Тој смета дека помош може да испратат и африканските и арапските држави.

Flüchtlingslaager Dadaab
Помошта споро пристигнуваФотографија: Picture-Alliance/dpa

Германија до сега на располагање стави шест милиони евра помош. Клубот на пратениците од Партијата на Зелените во Бундестагот смета дека тоа е премалку. Тие, од владата во Берлин бараат да ја зголеми помошта за Рогот на Африка. Тило Хопе, еден од портпаролите на Партијата на Зелените тврди дека неговата партија побарала вонредна седница на парламентарниот одбор за соработка и развојна помош, кој треба да го разгледа овој проблем.

Германскиот министер за развојна помош Дирк Нибел ги отфрла критиките дека Берлин одвоил премалку средства. „Внимателно ја следиме ситуацијата во тој регион“, вели Нибел.

Меѓународната заедница ќе ја разгледува ситуацијата на Рогот на Африка

В понеделник во Рим треба да се состанат редица претставници на влади од сите страни на светот кои ќе разговараат за состојбата на Рогот на Африка. Се очекува присуство на министри или високи владини службеници од 191 земја. За помош за Африка ќе се разговара и на европско ниво. Претседателот на европскиот парламент Јежи Бузек ја повика Унијата да пружи координиран одговор на кризата. Тој смета дека сега е важен секој час, оти одолговлекување на помошта ќе значи смрт за се’ повеќе луѓе.

Автор: ОК/ ЈР/ АТ

Редактор: Борис Георгиевски