1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гламурот повторно царува на Лидо

1 септември 2010

Погледнат низ призмата на културата, септември може да се нарече и месец на филмските фестивали. Денеска (01.09.2010) во Венеција почнува 67 издание на „мајката“ на филмските фестивали.

https://p.dw.com/p/P1dv
Во Венеција десет дена се‘ ќе биде во знакот на филмот

Дури три фестивали на седмата уметност од врвната А категорија се одржуваат во овој месец и тоа во Венеција, Торонто и Сан Себастијан. Денеска во Венеција почнува 67 издание на „мајката“ на филмските фестивали. На интернационалната сцена на филмските фестивали, оној во Кан важи за стомакот. Таму имено, се прават бизниси. Берлин е, пак, главата. Таму се претставуваат новите трендови. Венеција со право може да се рече дека е душата на авторскиот филм и воопшто на киното. Тоа е поврзано со атмосферата на приморскиот град, но и со тоа дека токму таму се роди идејата за организирање уметничка изложба за филмот и во 1932 година таму беше отворен првиот филмски фестивал во светот. Мотото на манифестацијата веќе одамна и за сите времиња го одреди Федерико Фелини: „Да живее киното".

Венеција се подмладува

Годинава фестивалот во Венеција повторно ја докажува својата репутација на душа на седмата уметност, со оглед дека на натпреварувачката програма се наоѓаат филмови на новата генерација синеасти. Фестивалот ќе биде отворен со најновиот филм на Дарен Аронофски „Црниот лебед“. Просечната старост на режисерите на 23 филмови во главната конкуренција е 47 години, а меѓу нив покрај Аронофски е и оскаровката Софија Копола, Винсент Гало од САД и Франсоа Озон од Франција.

„Венеција се подмладува“, изјави директорот на фестивалот Марко Милер претставувајќи ја програмата на 67 издание, кое ќе трае до 11 септември, кога ќе биде доделена и главната награда „Златниот лав“.

Italien Film 67 ste Filmfestival Venedig Marco Müller
Директорот на филмскиот фестивал во Венеција, Марко МилерФотографија: AP

„Златниот лав“, инаку, се доделува од 1949 година. Претходно наградата се нарекувала „Куп на Мусолини“, наречена по италијанскиот диктатор Бенито Мусолини. „Златниот лав“ го добива режисерот на најдобро оценетиот филм. Најдобрите актери се наградувани со „Купот Волпи“, наречен по основачот на фестивалот - грофот Волпи ди Мисурата.

„Мајки“ на Манчевски во Торонто

А токму на фестивалот во Венеција, македонскиот филм го доживеа својот најголем успех. Имено, во 1994 година Милчо Манчевски го доби „Златниот лав“ за филмот првенец „Пред дождот“. Неговиот четврт филм „Мајки“ ќе ја има светската премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Торонто, уште еден од фестивалите од врвната А категорија, што ќе се одржи од 9-ти до 19-ти септември.

Станува збор за фестивал кој нема натпреварувачки карактер, но затоа има неколку извонредни програми, меѓу кои е и можеби најпрестижната, наречена, „Специјални презентации“, во чии рамки ќе биде прикажан и филмот на Манчевски. Фестивалот во Торонто, инаку, годинава го има своето 35 јубилејно издание, на кое ќе бидат прикажани преку 300 филмови од повеќе од 60 земји.

Deutschland Kino Zoo Palast in Berlin
Фотографија: picture-alliance / dpa

За „Мајки“ се заинтересирал директорот на Фестивалот во Торонто, Пирс Хендлинг, кој го ставил и во програмата. Хендлинг го смета филмот за еден од најдобрите филмови што ги видел во последните години, како поради храбрата, експериментална синематска структура, така и поради содржината. Хендлинг е автор и на текстот за „Мајки“ во каталогот на фестивалот и лично и ќе го претстави филмот пред светската премиера во Торонто.

Сан Себастијан

На 17 септември во шпанскиот град Сан Себастијан започнува уште еден филсмки фестивал од А категорија. Тој се одржува од 1953 година, најнапред како смотра на шпанскиот филм, а потоа како угледен меѓународен фестивал.

Целосниот список на филмови во натпреварувачката програма на 58 издание на фестивалот допрва треба да биде официјално соопштен.

Главната награда е „Златната школка“ наречена по специфичниот облик на заливот во кој се наоѓа градот. Од 1986 година наваму, во Сан Себастијан се доделува и наградата за заслуги во седмата уметност „Доностиа“, која годинава оди во рацете на холивудската актерка Џулија Робертс.

Автор: СН/АТ/дпа/афп/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска