1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Глас од татковината

2 декември 2010

Радио Македонија прославува 40 години постоење, 40 години мост на матицата со македонските иселеници во светот, 40 години контакт на татковината со луѓето кои ја напуштиле во потрага по подобар живот.

https://p.dw.com/p/QNmU
Фотографија: Petar Stojanovski

Глас од татковината, 40 години. Македонија е мала земја, но има многубројна армија иселеници. Тоа го прави овој јубилеј уште поголем. Радио Македонија деновиве одбележува 4 децении врска со Mакедонците ширум светот. Преку сателит, секојдневно зрачи програма на сите континетни. Се испраќа слика од татковината, се испраќа порака дека иселениците се секогаш добредојдени дома.

„Пораката што им ја испраќаме е дека овде не тече мед и млеко, им ја пренесуваме реално сликата, сакаме да им кажеме дека можат да се вратат и да инвестираат во татковината“ вели Мојсо Мојсовски, уредник во Радио Македонија.

Неговиот колега Марко Илкоски има позитивна оценка кога ги сумира впечатоците:

„Задоволен сум колку сум се вложил во оваа програма за да им направам на нашите сонародници татковината да им биде поблиску“, вели тој.

Himalaya 2008
Македонците сакаат да слушаат радиоФотографија: Himalaya

Програмата Глас од таковината ќе расте во својот обем. Таа е важен мост за комуникација со иселениците и поради соработката со големиот број странски радио станици.

„Програмата се емитува на средни бранови. Од оваа редакција се опслужуваат 40 станици кои емитуваат на македонски јазик насекаде во светот, меѓу нив е и Дојче Веле.“

Македонците сакаат да слушаат радио. Дури и во ова време на технички достигнувања тоа не губи од својата важност. Потврда за ова се големиот број реакции што стигнуваат кај колегите од Радио Македонија. Програмата на Гласот од татковината е најслушана во Европа. Најслушана е емисијата „Поздравете ги најмилите“, која се емитува секоја сабота.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска