1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Година на тектонски промени

30 декември 2017

Двајца луѓе одеа по тенко јаже годинава обидувајќи се да не паднат во сопствената бездна.Едниот успеа,другиот падна.Заев сега се соочува со проклетството на власта,а Груевски со сопствените заблуди. Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/2q6Ay
Kombobild Zoran Zaev und Nikola Gruevski

Веројатно малкумина пред една година очекуваа дека на крајот на 2017 година во Македонија нема да биде ништо како во претходната декада. Не само што е променета власта, туку што е сменет целиот амбиент во државата. „Животот“ не дојде веднаш, ниту пак ќе пристигне наскоро, без оглед на еуфоричните ветувања на политичарите, но се врати нормалноста во живеењето. Тоа живеење и понатаму е сиромашно, секојдневието е мачно, перспективите се несигурни, па дури и надежта почна да го губи чекорот.

Иако во основа никој не е ниту побогат ниту посиромашен оваа година, тектонските промени што се случија ја поставија Македонија на нов колосек. Клучното прашање е дали возот што е на него конечно ќе тргне. Оставете го настрана вистинскиот или лажниот оптимизам на политичарите, нивната паролашка слаткоречивост, нивните незауздани ветувања, почетниот елан на оние што сега се во власта, купот грешки што ги направи новата структура која се учи како повторно да владее по 11 години апстиненција, успесите што ги постигна – и свртете се околу вас да видите што навистина се промени.

Други колумни од авторот:

-Загадување: Скопски магли и пајажини

-Патриотски измислици

-Заблудите на господинот Прибе

Двајца луѓе одеа по танкото јаже оваа година обидувајќи се да не паднат во сопствената провалија. Едниот успеа, другиот падна. Зоран Заев успеа да ги победи сите предрасуди, сите потценувања, сите омаловажувања и со несомнена лична храброст да го клекне на коленици режимот што беше инсталиран последниве седум-осум години. Изгледа изненадувачки, но нему не му недостасуваше политичка умешност да го изведе проектот што две години го водеше чекор по чекор. Крвта на 27 април беше последниот чин од драмата, тој го презеде сиот ризик според спартанската максима – со штитот или на него. Таа решителност му го донесе респектот на граѓанството и конечната потврда за победа во епската политичка битка на двајцата архи-ривали. Со неговата благоглаголивост тој сега сака да се прикажува како човек кој не мисли да се врти кон минатото и да бара некоја одмазда, настојувајќи да се покаже поголем од судбината.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Заев во монархистичките одаи

Но Зоран Заев се соочува со проклетството на власта. Обидувајќи се да се прикаже како реформатор каков што Македонија немала тој влезе во замката во која паѓаат сите лидери. Кога големите ветувања се губат во мрежата на различните интереси. Една од клучните грешки што ја направи Заев е што јавно покажува оти монархистичките одаи во Владата што му ги остави во наследство претходната власт се амбиентот кој не му пречи. Пропаднат во огромната луистичка фотелја, која е преголема и за покорпулентен човек, кога ги прима гостите тој изгледа како фрлен во едно време и простор против кои се бореше. Некогаш гестовите се поголеми од концептите, па за да му удри печат на новото време, тој барем во некои сегменти требаше да ги отфрли овие кукавичји јајца.

Само нека се сети на едноставноста и минимализмот на канцелариите на високите функционери во Брисел, гордо раскажувајќи за разговорите таму, тогаш веројатно ќе му биде јасно дека демократијата во овие времиња не се мери со раскошот и лажниот сјај, туку и со скромноста на просторот. На прашањето дали со оваа лежерна конфорност во монархистичките одаи Заев тргна на патот кон „конкурентниот авторитаризам“, ќе се дознае многу брзо, кога ќе стане појасно што може да испорача од големите ветувања и поттикнати надежи. Незапирливата реторика во која јавноста е потхранувана со очекувањата дека почетокот на преговорите со ЕУ е на дофат и дека речиси сме влегле во клубот на НАТО, може да се распрсне на парчиња, кои потоа ќе биде ужасно тешко да се соберат. Комплицираните односи во владината коалиција, танкото мнозинство, излегувањето од владата на партијата на Зијадин Села и неговите обвинувања дека Заев ги лажел во разговорите по локалните избори, го подјадуваат ореолот на премиерот како посветен борец за ново општество на слободни граѓани. Колку што масивната победа на локалните избори ја прошири мрежата на власта на СДСМ на непредвидени размери, толку се намали моќта на владата, која сега мора да зависи од хировите на ДУИ и непоузданата поддршка на бегалците од опозицискиот камп.

Mazedonien Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Парадоксално, победата на локалните избори на Заев, всушност, му го смали маневарскиот простор. Тој сега повеќе треба да се бори за опстанок на владата отклолку за длабочината на реформите. Во тој парадокс јавноста е уште трпелива, но големо прашање е до кога. Заев, фигуративно кажано, се наоѓа во онаа ситуација што ја опиша Маргарет Дирас во нејзиниот фасцинантен роман „Болка“. Таа очајно го чекаше враќањето на нејзиниот сопруг од нацистичкиот концлогор Бухенвалд и кога тој се врати полужив најпредано го негуваше во неговото закрепнување и откако заздрави тие се разведоа. Во еден развој на ситуацијата граѓаните може да се разделат од Заев откако општеството ќе заздрави, ако тој не се вгради во новата демократска супстанца на големите надежи.

Стапицата на сопствената заблуда

Така е со политиката – можеш да бидеш казнет верувајќи дека си направил речиси се што можело да се направи. Се разбира, тоа е стапицата на сопствената заблуда. Никола Груевски забележува дел од тие свои заблуди, но не знае каде точно да ги адресира за сфати што се случи во годината која го донесе неговиот конечен пад. Иако денес изгледа дека неговото паѓање беше нормална работа, тоа не е така – неговата демисија е важна не само за партијата и за државата, туку и за целиот регион. Валандовскиот блуз преточен во едночасовен говор покажа колку деспотите никогаш не можат да разберат што навистина се случувало.

Измачувачките процеси во случаите што ги отвори СЈО му го одзедоа спокојот и ја вгнездија неизвесноста. Изгледа дека никогаш не ќе може да дознаеме дали Груевски потајно жали каде го однесе бесконечната власт.  Но затоа може да се забележи дека соочувањето со падот тешко му оди на Груевски и дека без оглед што ВМРО-ДПМНЕ има нов лидер неговиот дух треба да биде сеприсутен во луксузната палата. На веб-страницата на партијата и натаму доминира Груевски – таму е пренесен неговиот говор на когресот во Валандово, но го нема говорот на новиот претседател по соопштувањето на резултатите од гласањето, каде што објаснуваше како би требало да се развива партијата во иднина.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE mit Parteiführer Nikola Gruevski
Фотографија: Petr Stojanovski

Тој говор покажа дека Груевски малку научил од политичката трагедија. Прво, поради опсесијата и кога си оди да држи говори кои се несоодветни според нивната големина; и второ, да се повикува на злата судбина и на предавствата кои, наводно, го овозможиле неговиот пад. Тоа е таа монархистичка безгрешност и чувство на самоголемина. Груевски уште не разбира зошто дојде до сломот на неговото „царство“. Погледнете ја фотографијата од примопредавањето на кабинетот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Груевски и Христијан Мицкоски седат во претенциозни фотелји пред запален камин, а од ѕидот ги гледа строгото лице на Тодор Александров. Сликата изгледа како илузионистичка, како измислица на Давид Коперфилд, затоа што е запрепастувачки во седиштето на една партија, која претендира да биде столбот за демократско единство на македонскиот народ, каминот да биде елемент за восхит во ентериерот.

Груевски не разбра зошто дошло до неговиот слом и кога во Валандово зборуваше дека „ова време многу ме асоцира на времето и состојбите во кои се наоѓал Тодор Александров во месеците пред да биде убиен во 1924 година, иако се е во сосема различен контекст". И потоа во 70 реда им зборуваше на делегатите како Александров пред да биде убиен се наоѓал во „исклучително тешка и безизлезна ситуација“. Како „се обидел да се сретне со американскиот амбасадор во Софија, но тој не прифатил, а дознал и дека истиот искоментирал: не сaкам да имам ништо со тој бандит". И по историските реминисценции за Влахов, Протогеров, СССР, да заклучи: „Со неговата смрт и доаѓањето на Ванчо Mихајлов се цени дека завршува периодот кога ВМРО носи независни одлуки за своето делување.

Изгледа тој така и го цени неговото заминување – дека од сега натаму ВМРО-ДПМНЕ нема да биде независно. Тој се обидува да биде отеловски трагичар гледајќи мрежа на предавства околу себе. Па на конгресот ќе каже: „Ќе останат да ми ѕунат засекогаш зборовите на едни странски врвни експерти кои ни помагаа во последната изборна кампања и кои ден по првиот круг на локалните избори дојдоа кај мене и при крајот на кратката елаборација ми рекоа: Господине претседателе, една работа сакаме да ви ја кажеме која не е пријатна, а тоа е дека додека синоќа доаѓаа изборните резултати кои беа неповолни, во салата за состаноци 'Тодор Александров‘ во која бевме триесетина луѓе, гледавме тага на лицата на многумина од нив, но бевме изненадени што кај еден дел од вашите најблиски соработници видовме среќни лица, среќа која не можеа да ја скријат". 

За човек кој побара од наследникот да направи чистка на оние што извршиле „предавство“ ова е дел од сопствената трагедија. Тој никако не разбра (и покрај длабинската анализа) зошто ВМРО-ДПМНЕ беше понижено на изборите и дека неговата улога е клучна во овој пораз, а не онаа на наводните предавници.

ВМРО-ДПМНЕ ја завршува годината на тектонски промени заробено во самото себеси. На менталниот код таму ќе му треба многу време да ја напушти груевистичката матрица. Мислејќи дека притворите за пратениците се решаваат со телефонирање од премиерскиот кабинет, привремениот координатор на пратеничката група, Влатко Ѓорчев, го изјави ова: „Подадовме рака за соработка. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се сретна со премиерот Зоран Заев. По денешната одлука за продолжување на притворот, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да присуствува на утрешните пратенички прашања во Собранието". Ова се две еднакво лоши работи за Мицкоски: првата ако верува дека работите со истрагата обвинителството треба да ги води премиерот; и втората, ако мисли дека во груевистички манири ќе може да ја застане на нозе грогираната партија.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар