1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Годишнина од атомската бомба во Нагасаки

9 август 2006

Денеска граѓаните на Нагасаки ја одбележаа 61-та годишнина од фрлањето на атомската бомба врз нивниот град на 9 август 1945 година. Градоначалникот Ичо Ито пред околу 4 ипол илјади луѓе ги повика атомските сили на натамошно разоружување.

https://p.dw.com/p/Adyo
Нагасаки повторно потсети на годишнината од фрлањето на атомската бомба на 9 август 1945 година.
Нагасаки повторно потсети на годишнината од фрлањето на атомската бомба на 9 август 1945 година.Фотографија: dpa - Bildfunk

Во неговиот говор Ито поименично ги критикуваше САД, Северна Кореја, Индија, Пакистан, Иран и Израел и за првпат во апелот за мир ги повика научниците во целиот свет веќе да не градат атомско оружје:

„Во 11 часот и 2 минути на 9 август 1945 година една единствена атомска бомба го уништи нашиот град, со еден удар ги збриша животите на 75 илјади луѓе и уште толку отидоа во смрт со тешки маки. Како можеме да ги заборавиме криците на оние на кои на таков грозен начин им беа уништени соништата? А, сепак, се уште 30 илјади нуклеарни глави стојат подготвени да го уништат човештвото„.

За време на манифестацијата во Нагасаки, на маргините се одржаа демонстрации на деснорадикалните групации во Јапонија кои бараа силна држава. Премиерот на оваа земја Јуничиро Коизуми кој беше во Нагасаки, затоа предупреди:

„Во присуство на преживеаните и на граѓаните на Нагасаки, ветувам дека Јапонија цврсто ќе се придржува кон поглавјето за мир во нашиот устав. Ние остануваме на нашите три анти-нуклеарни принципи„.

Инаку, тие три принципи предвидуват: Јапонија нема да произведува атомско оружје, нема да тргува со него, ниту ќе го дозволи на својата тероиторија.