1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Голдман Сакс“ извлече жива глава од кризата

15 јули 2009

Финансискиот гигант од Вол Стрит, банката „Голдман Сакс“, го објави извештајот за заработката во вториот квартал од годинава. На изненадување на аналитичарите, „Голдман Сакс“ пријави заработка од 3.44 милијарди долари.

https://p.dw.com/p/IpXR
Кварталниот извештај покажа пораст на профитот од 65 настоФотографија: picture-alliance/ dpa

Банката „Голдман Сакс“ ја преживеа финансиската криза. Ова може да се заклучи од кварталниот извештај за заработката на компанијата, што беше објавен вчера во Њујорк. Покрај остварениот профит од 3,44 милијарди долари во изминативе три месеци, банката успеја да го врати и кредитот од десет милијарди долари, што го доби од државата во екот на финансиската криза, кон крајот на минатата година. „Голдман Сакс“ пријави заработка од 4,93 долари по акција, иако прогнозите велеа дека акциите на компанијата во најдобар случај ќе чинат 3,54 долари. Компанијата истакна дека порастот на профитот од цели 65 насто се должи на успешните обемни тргувања.

Lloyd Blankfein
Лојд Бланкфајн може да ја замени загриженоста со насмевкаФотографија: picture-alliance/ dpa

Од резултатите му олесна и на шефот на „Голдман Сакс“, Лојд Бланкфајн. Со оглед на тешките услови на пазарот, може да биде задоволен од бројките.

Дали тоа значи дека банката излезе од финансиската криза само со помали гребнатини? Конкурентот „Леман Брадерс“ вчера објави загуба од 2,8 милијарди долари, со што само ги потврди очекувањата. Но, и акциите на „Голдман Сакс“ настрадаа годинава - се` на се` нивната вредност се намали за 15 прoценти.

Мерките почнаа да дејствуваат

Но, тоа не е причина за американскиот министер за финансии, Тимоти Гајтнер, да не гледа со оптимизам на следниот период. Мерките против финансиската криза почнаа да дејствуваат, изјави тој при посетата на Саудиска Арабија:

„Глобалната рецесија почна да губи на сила. Првпат по неколку квартали ММФ и голем број приватни аналитичари ги корегирараат прогнозите за порастот во првата половина од следната година, а тргувањето во глобални рамки повторно зема замав“, оцени Гајтнер.

Престижната американска банка „Голдман Сакс“ е првиот од големите финансиски институти што го објави кварталниот извештај. Во текот на неделава се очекуваат и информациите за заработките на „Џej Пи Морган Чејс“, „Бенк Оф Америка“ и „Сити Груп“. Инвеститорите со нетрпение ги очекуваат овие извештаи, бидејќи тие ќе покажат дали обемните државни пакети за помош на финансискиот сектор и подобрените услови на берзите навистина придонеле за постепен излез од финансиската криза.

Автор: Т.Т./А.Т./ард/афп/дв

Редактор: Жана Ацеска