1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голема победа на Обама во Јужна Каролина

Борис Георгиевски27 јануари 2008

Обама убедливо ги порази главните противкандидати Хилари Клинтон и Џон Едвардс во сојузната држава Јужна Каролина и се наметнува како главен фаворит во трката за претседателската номинација во Демократската партија.

https://p.dw.com/p/CyFw
Барак ОбамаФотографија: AP

Расата не ни е важна и подготвени сме за промени - извикуваа симпатизерите на сенаторот Барак Обама по неговата убедлива победа на партиските избори во Јужна Каролина. Барак Обама освои 57 проценти од гласовите на партиските членови, наспроти 27 проценти за Клинтон и 18 проценти за Едвардс. Победата во најголем дел му ја донесоа црните гласачи, но Обама успеа да освои и значаен дел од гласовите на белците во државата. Во говорот по победата сенаторот од Илиноис ја повтори својата порака за промени. Обама им честиташе на своите противкандидати, но и ги потсети своите симпатизери по што тој се разликува од нив: „Нашата цел не е само промена на партијата во Белата куќа, нашата цел е фундаментална промена на статусот кво во Вашингтон. Тоа е статус кво проширен надвор од обете партии, и во овој момент тој статус кво не напаѓа со се‘ што му е на располагање. Нивната тактика е да предизвикаат поделби и да не оддалечат од нашата цел, а тоа е да ги решиме проблемите на луѓето, без разлика дали станува збор за здравствената заштита или за хипотеките кои не можат ги плаќаат“, рече Обама.

Тежок пораз за Хилари Клинтон

Hillary Rodham Clinton Vorwahlen USA
Хилари КлинтонФотографија: AP

Хилари Клинтон избегна да им се обрати на своите симпатизери во Јужна Каролина и експресно замина во Тенеси, каде речиси и не се осврна на поразот.

„Сакам да му честитам на сенаторот Обама, и на граѓаните на Јужна Каролина, но исто така сакам да ви кажам дека сум среќна што сега можеме да се свртиме кон гласањето во Тенеси и во другите држави кое ни‘ претстои на 5 февруари“, рече Клинтон.

Огромен одзив

Изборите во Јужна Каролина ги одбележа огромна излезност на гласачите. Повеќе од 400 илјади луѓе го дадоа својот глас, наспроти 290 илјади колку што излегоа на внатрепартиските избори на демократите во 2004 година. Аналитичарите оценија дека тоа е знак за огромен ентузијазам меѓу симпатизерите на Демократската партија, кој би можел да биде одлучувачки на претседателските избори во ноември годинава. Повеќе од 50 проценти од гласачите во Јужна Каролина беа Афро-американци, а излезните анкети покажуваат дека 80 проценти од нив гласале за Обама.

Пред претседателските кандидати од Демократската и Републиканската партија сега е клучното гласање закажано за 5 февруари, кога на партиските избори ќе излезат граѓаните на 20 сојузни држави. Победниците од двата табори ќе имаат реални шанси да ја добијат партиската номинација за претседателските избори.