1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голема рација против исламистите во Франција

ЖА/АТ/афп30 март 2012

Еден ден по погребот на атентаторот од Тулуз, во голема рација во исламистичката сцена во Франција се уапсени 19 осомничени лица.

https://p.dw.com/p/14V73
Фотографија: Reuters

Француската полиција, утрово, во повеќе градови во земјата, уапсила 19 радикални исламисти. При претресите се запленети и неколку парчиња оружје од типот Калашников, изјави францускиот претседател Никола Саркози денеска за телевизија Европа 1.

Рацијата не била во директна врска со нападите на Мохамед Мерах, но следува еден ден по неговиот погреб и една недела по неговото убиство.

Ваквите акции ќе продолжат, изјави Саркози во Париз. Нападите од Тулуз се „траума која малку соодветствува на нападите од 11. септември во Њујорк и Вашингтон“, смета Саркози. Тој по убиството на Мерах побарал од безбедносните служби проверка на опасноста која се заканува од приврзениците и симпатизерите на исламистичките идеи.

Рацијата на полицијата и специјалните сили, покрај во Тулуз, градот во кој во четвртокот е погребан Мерах, е спроведена во Ле Ман, Нант и Париз.

Мохамед Мерах беше убиен на 22. март, по 32-часовна операција, во која под опсада беше држен неговиот стан во Тулуз. Во три напади, кои тој ги изврши во Тулуз, загинаа тројца војници, еден рабин и три деца. Злосторствата, како што изјавил, ги сторил во име на Ал Каида. Постариот брат на Мерах, се наоѓа во истражниот затвор, под сомнение дека му помагал во извршувањето на убиствата.