1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големиот гнев ги тера Грците на протести

12 декември 2018

Демонстрирањето е традиција во Елада. На тој начин вниманието врз себе го вртат пред сѐ левичарски настроените млади. Но, на улица излегуваат сѐ помалку луѓе - и добиваат конкуренција од десничарите.

https://p.dw.com/p/39v5S
Demo-Kultur in Griechenland
2011 - година кога улиците им станаа „дом“ на многу ГрциФотографија: Christos Avramidis

„Има една фотографија од едни ученички демонстрации против договорот за името со Македонија. Едно момче јава коњ, на рамената носи грчко знаме и гледа во својот мобилен телефон“, вели смешкајќи се Александра Коронају. „Момче, кое од една страна го претставува Александар Велики, а од друга страна сурфа по интернет. Многу симболично за денешна Грција.“

Коронају е професорка по психологија и декан на Институтот по социологија на универзитетот во Атина. Од 2011 година таа во соработка со 14 европски универзитет го истражува проблемот на свртувањето в десно на младите.

Повеќе: Протести во Грција: секој ден против Македонија

Токму спорот со Македонија и бегалската криза им дадоа полет на ултрадесничарите. Притоа, во Грција левицата е таа која редовно се собира на јавни протести, и тоа не само по актуелен повод, туку и во знак на сеќавање на важни, историски настани. „Во Грција постои култура на демонстрирање која произлегува од левицата и е тесно поврзана со диктатурата. Тогаш демонстрациите биле забранети и се случил бунтот на политехничкиот институт во Атина во 1972 година.“

Demo-Kultur in Griechenland
„Александар Велики“ со мобилен телефонФотографија: ProNews

Демонстрирам, значи постојам

Кога воената хунта крваво го задушила бунтот, практично си го запечатила својот крај. Студентите кои беа дел од бунтот станаа херои основачи на постдиктаторска Грција. Оттогаш кампусот е зона без полиција. Тука има политички студентски здруженија од секаков вид. Но, речиси сите банери со повици за демонстрации припаѓаат на левичарските групи. Солидарност со анархистите, барања за слободно образование и подобри услови за студирање и постојано паролата: Доста со капитализам!

Христос Аврамидис е докторанд по политички науки и левичарски активист. Тој ја познава сцената и редовно протестира. За него тоа е не само израз на политичко убедување, туку составен дел на општествениот живот. „Врз свеста на милиони луѓе не се влијае само преку механизмите и идеологијата на државата или медиумите. Важно е пред сѐ да се учествува во политичкиот живот и да има заедничко сеќавање на настаните кога борбата била заедничка.“

Ритуалот на јавно протестирање во Грција е повеќе културно втемелено отколку во други европски земји, објаснува Коронају. Денес тоа е израз и на внатрешната нерамнотежа: „Во Грција има проблем со идентитетот. Тука е конфликтот со античка Грција, која е славно претставена во учебниците. Но, реалноста од поновата историја многу повеќе се врти околу политички и економски проблеми. Кога денес ќе се погледне во огледало, не се гледа антички Грк, туку човек со проблеми од денешницата.“

Demo-Kultur in Griechenland
Во Грција постои култура на демонстрирање која произлегува од левицата Фотографија: DW/F. Schmitz

Една криза по друга

Токму на младите Грци не им значат многу оптимистичките прогнози на нивниот премиер или неговите европски колеги. Бесперспективност, масовно иселување, невработеност, ниски плати - од полетот не се чувствува речиси ништо. Погодена е пред сѐ средната класа, оние семејсва кои ги испраќаат своите деца на факултет и кои имаат клучна улога за самопоимањето на земјата. Депресијата е широко распространета. Мотивацијата за создавање подобар живот дома исчезнува. Според Коронају, тоа е причина за загриженост: „Овие млади веќе не се гледаат себеси во Грција. Тоа во некои случаи има поддршка и од родителите, кои велат: Оди и не се врти назад.“

Demo-Kultur in Griechenland
Коронају: Младината бара нови форми на изразување, не само во Грција, туку насекаде во ЕвропаФотографија: Press Publica

Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека повеќето млади во Грција веруваат во демократија и слободни избори. Истовремено, немаат чувство дека можат да влијаат врз постоечките состојби. „Актуелните собири се управувани пред сѐ од емоции. Владее огромен гнев. Од истражувањата знаеме дека младината бара нови форми на изразување, не само во Грција, туку насекаде во Европа. Тие не сакаат само да собираат потписи, туку сакат да остварат директно влијание.“ Во тој процес, забележлив е и еден негативен тренд. Иако медиумите постојано известуваат за безредија предизвикани од левичарски демонстранти, бројот на учесници на левичарските демонстрации е многу намален.

Ултрадесничарите ја откриваат традицијата

Од тоа профитираат ултрадесничарските групи. Тие сѐ повеќе се обидуваат да го заземат јавниот простор. Партии како фашистичката Златна зора добија приврзаници поради економските проблеми што ги донесе кризата. Бегалските прашања и омразата кон премиерот Алексис Ципрас поради договорот за името со Македонија се причина за зголемување на бројот на нивни приврзаници. Сѐ почесто доаѓа до сериозни безредија, предизвикани од десничарски демонстранти, потврдува и новинарот Костас Кукумакас. Станува збор за главно мали групи, кои знаат точно како да го свртат вниманието врз себе.

Demo-Kultur in Griechenland
Секојдневие на грчките универзитети - левицата повикува на протестиФотографија: DW/F. Schmitz

Тоа што дури и гимназијалци излегоа на улиците и извикуваа националистички пароли е резултат на влијанието на овие групации, нагласува Кукумакас: „Едноставно е да се придобијат ученици и да се испратат на улиците, особено кога станува збор за табу-теми, како прашањето на Македонија. Зад тоа стојат партии како Златна зора, но и делови на конзервативната опозициска партија Неа Демократија во северна Грција.“

Повеќе: Грчки средношколци протестираа против Преспанскиот договор

Родители и наставници кои се или против договорот со Македонија, или им е едноставно сеедно, би толерирале вакво политичко влијание. На учениците сосема очигледно им е до тоа да не одат на училиште еден ден, оценува новинарот.

Александра Коронају го потврдува тоа: „Златна зора влегува не само во училиштата, туку и во спортските клубови, каде директно може да влијае врз младите и да ја шири својата политичка идеологија.“ Тоа што ваквите активности имаат успех, според Коронају, се должи пред сѐ на чувството на беспомошност: „Проблемот е што политиката не ги слуша младите. Таа не сфаќа дека ним не им е доволно само да стават крст еднаш на четири години.“