1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големо повечерје за Меркел

Сабине Кинкарц
2 декември 2021

Ангела Меркел по 16 години канцеларување, заминува во пензија. Што ја очекува и како ќе го пополни времето како пензионерка?

https://p.dw.com/p/43ine
Die "Raute" von Angela Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Ангела Меркел сака да прави супа од компири и колач од сливи. Типични есенски германски јадења за чие подготвување во изминатите недели немаше време. Таа по изборите на 26 септември остана да ја врши должноста канцеларка сѐ додека не биде избрана новата влада.

Наскоро (најверојатно наредната недела) владата треба да биде изгласана. Ангела Меркел тогаш ќе има канцеларски стаж само малку пократок од Хелмут Кол, кој беше 5870 денови на функцијата.

Guido Westerwelle, Ex-Außenminister FDP - 80. Geburtstag Helmut Kohl
Хелмут Кол се повлече во 1998 година, по 5870 дена во службаФотографија: picture-alliance/Augenklick/B. Kunz

Во изминатите недели Меркел постојано правеше нешто за последен пат. Последен пат седеше на клупата за членовите на владата во Бундестагот, последен пат водеше владина седница или корона-седница со покраинските премиери. Денеска таа се збогува со свечена воена церемонија со воен оркестар, таканареченото „Големо повечерје“.

Последен пат во Париз, Лондон, Вашингтон

Како канцеларка Ангела Меркелво изминатите недели последен пат беше и во многу главни градови во светот. Притоа, не изгледаше носталгично.

Кога италијанскиот премиер Марио Драги на самитот на Г20 рече дека се надева оти во иднина почесто ќе ја гледа Меркел во Италија, „можеби на малку поопуштени пригоди“, Меркел одговори дека својата љубов кон Италија „кога веќе нема да бидам канцеларка ќе ја живеам на сосема поинаков начин“.

„Ќе видиме каде ќе се појавам“

Првиот ден како поранешна канцеларка, ќе значи и почеток на нов живот за Меркел. Таа досега не открива како тој ќе изгледа.

При посетата во Вашингтон во јули годинава Меркел беше запрашана како си го замислува пензионерскиот живот. Иако во други прилики го избегнуваше одговорот, овојпат стави до знаење дека најпрво сака да има мала пауза и дека не планира да прифаќа покани за настани. Прво мора „да ѝ легне“ дека нејзините досегашни задачи „сега ќе ги извршува некој друг“.

Потоа додаде: „Мислам дека тоа многу ќе ми се допадне.“ Во новостекнатата слобода сакала да размислува „што всушност мене ме интересира“. Изминатите 16 години немала многу време за да размислува за тоа. Со скриена насмевка, канцеларката, која во тој момент беше прогласена за почесен доктор на Џон Хопкинс Универзитетот, додаде: „Потоа можеби ќе се обидам нешто да прочитам, па ќе ми се затвораат очите бидејќи сум уморна, па малку ќе дремнам, и ќе видиме кога ќе се разбудам каде ќе се појавам.“

„Мис Меркел“ истражува

Поглед во иднината фрлија еден фотограф и автор на крими-текстови. Андреас Мие фотографираше двојник на канцеларката во пози кои зрачат со осаменост и многу смиреност и од тоа направи изложба. Авторот Давид Зафир пак смета дека Ангела Меркел ќе се досадува кога агендата нема да ѝ биде полна.

Во неговиот хумористичен крими-роман „Мис Меркел“, тој поранешната канцеларка, по преселбата во нејзиното досегашно одморалиште во Брандебург, ја остава да се мачи со предвидливиот селски живот. Само пешачење и печење колачи? Во стилот на британските „Мис Марпл“ крими-романи од Агата Кристи, Зафир остава Меркел да се соочи со случај на убиство кој го истражува со огромен елан.

Literaturdienst - Miss Merkel von David Safier
Фотографија: Rowohlt/Kindler Verlag/dpa/picture alliance

Пензијата ѝ е обезбедена

Книгата изобилува со хумор, но основното прашање секако е оправдано. Дали човек кој со децении од рано наутро до доцна навечер имал обврски и носел толку голема одговорност може одеднаш да се исклучи. „Што ти недостига најчесто сфаќаш дури кога веќе го немаш“, рече Ангела Меркел неодамна во Берлин.

Меркел наполни 67 години на 17 јули годинава. Од финансиски аспект таа нема причина за грижи. Како канцеларка заработува 25.000 евра месечно. Дополнително на тоа има уште 10.000 евра кои ѝ следуваат како пратеник во Бундестагот, во чиј состав е повеќе од 30 години. Кога ќе си замине од функцијата, во првите три месеца и натаму ќе ја добива актуелната плата, а потоа во период од максимум 21 месец половината од неа како апанажа.

Deutschland | Templin | Ferienhaus Merkel in Hohenwalde
Меркел најдобро се опушта во својата куќа во Бранденбург, но ќе си замине ли од Берлин?Фотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

15.000 евра месечно

За нејзината пензија ќе се пресметуваат различните права кои произлегуваат од функцијата канцелар, министерка и пратеник. Меркел ја има таа предност што многу долго била во служба. Пензијата ќе биде петцифрена, а основата за неа е таканаречениот Закон за сојузни министри од 1953 година.

На канцеларите кои поминале минимум 4 години во служба им следуваат 27,74% од нивната дотогашна плата. За секоја наредна година на функцијата цифрата се зголемува за 2,39167% до максимална вредност од 71,75% од вкупната сума.

Кога ова ќе се пресмета, Ангела Меркел може да смета на пензија од околу 15.000 евра месечно. Освен тоа, до крајот на животот има право на обезбедување и службено возило со возач, како и канцеларија во просториите на Бундестагот во Берлин со, како што побара Меркел, шеф на канцеларијата, негов заменик, две референтски, тројца соработници и двајца возачи.

Bildergalerie Merkel mal anders - wir gratulieren zum 60.
Меркел ја има таа предност што многу долго била во служба (на фотографијата во 1997 година, како министерка за екологија)Фотографија: Reuters

Не е исклучена втора кариера

Поранешни соработници во Владата законски се обврзани да не споделуваат деловни тајни. Но иако не смеат да откриваат податоци, сепак се омилени во бизнис секторот, како советници и заради нивниот обем на политички контакти. Некои нејзини претходници и преминаа во бизнис секторот. На пример, Хелмут Шмит во 1982 стана издавач на неделникот „Ди Цајт“ и беше омилен говорник на многу настани. Во едно интервју во 2012-тата рече:

„Сам си го поставив правилото да не наплатувам помалку од 15.000 долари за едно предавање.“

Своето политичко минато и слава, уште подобро од Шмит, знаеја да го „продадат“ старите канцелари Хелмут Кол и Герхард Шредер. Кол основаше фирма за политичко и стратешко советување преку која многу добро заработуваше како лобист и советник.

Каузата Шредер

Многу негодување предизвика Герхард Шредер, кога во 2005 година, само неколку месеци по напуштање на канцеларската функција, се стави во служба на компанијата „Газпром“, во чија сопственост е и гасоводот „Северен тек“. Шредер уште како канцелар се залагаше за гасоводот.

Во меѓувреме се донесе законска обврска, поранешни владини членови, пред преминувањето во бизнис секторот да мора во владиниот кабинет да прашаат дали со нивните планирани активности „се загрозени јавни интереси“. Етичка комисија ја советува Владата, која во случај на дилема може да забрани такви активности во период до 18 месеци.

Повеќе:

Дали заминувањето на Меркел ќе го продлабочи јазот меѓу европскиот исток и запад?

Крај на ерата Меркел

Место на живеење - Берлин

Дали Ангела Меркел стреми кон нова работа или некаква почесна функција? Досега нема кажано ниту еден збор на таа тема. Веројатно засега ќе остане во Берлин, бидејќи нејзиниот сопруг, квантниот хемичар Јоахим Зауер, сѐ уште не размислува за прекин на кариерата. На берлинскиот Универзитет Хумболт тој е пензиониран, но неговиот договор како постар истражувач е продолжен засега до 2022 година.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ