1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голем број жртви при израелските напади во појасот Газа

Клеменс Ференкоте/Агенции27 декември 2008

Израелската армија нападна повеќе позиции на радикално-исламистичкиот Хамас во појасот Газа. Во нападите животот го загубија повеќе од 150 лица, а околу 300 се повредени. Хамас во меѓувреме повика на одмазничка акција.

https://p.dw.com/p/GNug
Напади во појасот ГазаФотографија: AP

При израелски воздушни напади во појасот Газа денеска загинаа повеќе од 150 лица, а околу 300 се повредени. Во соопштението на израелската армија се истакнува, дека биле нападнати цели на радикално исламистичкиот Хамас. Воздушните напади биле реакција на континуираните ракетни напади врз израелски цивили од страна на милитантните Палестинци. Армијата најави дека доколку е потребно ќе ја продолжи и прошири операцијата.

Паника меѓу цивилното население

Israel Palästinenser Angriff auf Gaza
ГазаФотографија: AP

Во моментот кога израелската армија ги изведе воздушните напади во појасот Газа многу деца, туку што си заминувале од училиштата. Според очевидците потоа се створила паника меѓу цивилното население. Поради нападите дошло до прекини и на палестинската мрежа за мобилни телефони, со што се отежнала комуникацијата и голем број луѓе немаа можност да се информираат за судбината на своите блиски кои во моментот на нападите се наоѓале во центарот на градот Газа и во другите погодени региони.

Неочекувана операција

Israel Palästinenser Angriff auf Gaza
Воздушни напади на израелската армијаФотографија: AP

Очигледно е дека многу Палестинци сметаа оти израелската армија би можела да преземе офанзива дури по вонредната седница за безбедност на кабинетот, што беше закажана за утре. Но оваа недела владата на Олмерт веќе и даде зелено светло на армијата, за воена операција против Хамас. Израелскиот премиер, Олмерт, изминатите денови го предупреди Хамас во појасот Газа, од можните последици од израелска воена операција. Хамас мора да прекине со ракетните напади врз израелските области околу појасот Газа, побара Олмерт. Деновиве, се промени и расположението на израелското население во прваец на поддршка за армијата. Тие сметаат дека Израел би морал да ги штити своите граѓани на југот на земјата.

По израелските воздушни напади, радикално-исламистичкиот Хамас повика на одмазничка акција и повторно испука ракети во правец на Израел.

Реакции на нападите

Претседателот на Палестинците Махмуд Абас, денеска ги осуди израелските воздушни напади во појасот Газа.

Европската унија по израелските воздушни напади се заложи за брз прекин на огнот. Францускиот претседател, Никола Саркози, и високиот пратеник за надворешна и безбедносна политика, Хавиер Солана, повикаа на итен прекин на израелските воздушни напади во појасот Газа и на палестинските ракетни напади на југот на Израел.

Египет исто така ги осуди воздушните напади. Истовремено претседателот, Хосни Мубарак, се заложи за повторно воспоставување на примирјето.