Голо насилство на протестите во Египет
3 февруари 2012Во Египет врие. Десетина илјади луѓе се собраа на плоштадот Тахрир во главниот град за да го искажат својот гнев околу навивачките судири по завршувањето на фудбалскиот меч во средата во пристанишниот град Порт Саид, во кои беа убиени 74 лица а најмалку 1000 беа повредени.
Демонстрантите во Каиро ги обвинија безбедносните сили дека повторно потфрлиле. Тие се префрлија пред министерството за внатрешни работи каде протестниот марш кој на почеток беше мирен се претвори во насилство. Според телевизиските извештаи дел од демонстрантите сакале да навлезат во зградата на министерството, фрлале камења и чевли и запалиле автомобилски гуми. Биле поставени и улични барикадите. Полицајците употребиле пак солзавец за да се справат со гнеевните учесници на протестот.
Две лица загинаа во Суец
„Долу со воената власт во Египет“, скандидаа гневните Египќани. Демонстрантите го обвинуваат се’ уште владејачкиот Воен совет дека дозволил да се случат безредијата во Порт Саид па дури и дека ги поттикнал.
Нередите беа порака од приврзениците на стариот режим на сооборениот од власт претседател Хосни Мубарак, изјави еден пратеник на умереното исламистичко движење Муслиманско братство кое доминира во новоизбраниот египетски парламент. Ситуацијата во Каиро делумно се смири во текот на ноќта.
И во градот Суец на североистиокот од земјата на улица излегоа околу 3000 демонстранти за да го искажат незадоволството кон воената власт во Египет. Според очевидци некои од нив се обиделе да навлезат во главното седиште на безбедносните сили во градот. Полицијата употребила солзавец а потоа и огнено оружје. Притоа биле убиени двајца демонстранти.
Меѓународен притисок
Шефот на Воениот совет Мохамед Хусеин Тантави вчера (02.02.2012) уверуваше дека виновниците за безредијата во Порт Саид ќе бидат пронајдени и казнети. Премиерот Камал ал Ганзури пак на вонредната седница на парламентот во Каиро објави дека е отпуштен од работа шефот на безбеднсоните сили во Порт Саид а неговите водечки соработници се суспендирани. Гувернерот на градот дал оставка на функцијата. Истотака е отпуштено и целокупното раководство на Фудбалскиот сојуз на Египет.
И на меѓународен план египетското раководство западна под притисок. Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун побара од владејачката гарнитура во Каиро да превземе соодветни мерки по насилството во Порт Саид. Европската унија пак побара итна и независна истрага. Светската фудбалска федерација ФИФА очекува целосен извештај за безредијата.
Автор: Сузане Ајкенфондер/ Симе Недевски
Редактор: Жана Ацеска