1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Гол шоу“ на Баерн во Минхен

Бенјамин Вист/К.Д.11 март 2009

Баерн Минхен во реванш осминафиналниот дуел го декласираше Спортинг со 7:1 и со вкупни 12:1, на најдобар можен начин обезбеди пласман меѓу осумте најдобри во лигата на шампионите.

https://p.dw.com/p/H9hg
Од синоќешниот дуел во МинхенФотографија: picture-alliance/dpa

Баерн Минхен на најдобар можен начин покажа дека досегашните успешни резултати во Лигата на шампионите не биле случајност. Во отсуство на Лука Тони и Франк Рибери, избраниците на тренерот Јирген Клинсман им приредија вистинско „гол шоу“ на своите фанови на Алијанс арената. Тренерот Јирген Клинсман е задоволен од фактот што играчите очигледно многу сериозно ги сфатија неговите предупредувања пред натпреварот, дека нема простор за опуштање: „Тоа не беше лесно да се прифати, по победата од 5:0 во Лисабон. Меѓутоа тимот беше многу концентриран. Импонира мудриот и добар начин на кој покажаа кој е газда во куќата. Затоа тоа беше една успешна вечер во европскиот куп“, рече Клинсман.

Champions League Bayern München vs Sporting Lissabon
Баерн целосно го надигра СпортингФотографија: picture-alliance/dpa

Ваквиот развој дава храброст за завршницата во Бундеслигата и со сигурност тешката задача која го очекува Баерн во четвртфиналето од елитното европско натпреварување. За тоа е свесен и тренерот Клинсман: „Се разбира дека се надеваме дека ждрепката ќе ни донесе голем и атрактивен противник. Во сите досегашни натпревари во Лигата на шампионите, тимот покажа што знае и нема потреба од никого да се криеме. Обезбедивме пласман меѓу последните осум каде се наоѓаат одлични тимови“, изјави Клинсман.

Реал Мадрид повторно елиминиран

Неколку потенцијални противници на Баерн останаа во игра. Меѓу нив не е Реал Мадрид, кој четврта година по ред е елиминиран во осминафиналната фаза. Кралскиот тим синоќа претрпе тежок пораз од Ливерпул од 4:0, откако претходно и дома го загуби првиот натпревар со 1:0. Пласман меѓу осумте најдобри обезбеди и Челзи, кој синоќа во Торино против Јувентус одигра 2:2 и Виљареал, кој го совлада Панатинаикос во Атина со 2:1. Сите актери во четвртфиналната фаза во лигата на шампионите ќе бидат познати вечерва. На програмата се натпреварите, Порто-Атлетико Мадрид, Барселона-Олимпик Лион, Рома-Арсенал и Манчестер Јунајтед-Интер.

Champions League FC Liverpool vs Real Madrid
Од натпреварот Ливерпул-Реал МадридФотографија: AP