1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Господинот Драги и поплавата од пари

Бригите Шолтес
20 јули 2017

Инвеститорите на финансиските пазари тврдат дека може да се намириса промена во каматната политика на ЕЦБ. Но, нивните носови се пречувствителни, зашто ЕЦБ е далеку од вистинско покачување на основната каматна стапка.

https://p.dw.com/p/2gnve
Mario Draghi EZB PK in Frankfurt
Фотографија: Reuters

Во текот на изминатите недели се покажа колку нервозно реагираат берзите по оптимистичките изјави на шефот на Европската централна банка (ЕЦБ), Марио Драги, околу порастот во еврозоната. Ако се фрли поглед врз статистиката, ќе се види дека Драги е во право. Пред неколку дена стигна веста за поголем од очекуваното пораст на индустриското производство во еврозоната, дури и во делот на инвестициски добра. Значи, конјунктурата во меѓувреме е робустна. Но, тоа на пазарите беше протолкувано како знак дека завршува поплавата од пари.

Како што е познато, ЕЦБ секој месец купува обврзници во волумен од 60 милијарди евра на пазарот и, според нејзиниот план, тоа во ист обем ќе го прави до крајот на декември. Потоа, волуменот веројатно ќе се намали. Меѓутоа, ако ЕЦБ постепено исчезнува од пазарот како купувач, ќе се намали и побарувачката на хартии од вредност, што значи ќе се зголеми каматата. Ваквите очекувања може веќе јасно да се видат во случајот со државните обврзници. На пример, каматата на десетгодишна сојузна обврзница во Германија минатата недела се зголеми на 0,6%, додека пред една година изнесуваше минус 0,2%.

„Драги сега мора да балансира, треба да спречи прекумерен пораст на каматите, а истовремено да подготви прилагодување во програмата на купување обврзници“, оценува Хартмут Прајс, аналитичар во ДЦ-банката. Зашто, ЕЦБ ќе мора да се повлече веќе и само поради технички причини. Таа не смее да стане доминантен доверител на државите. Така има одредено Европскиот суд. Затоа, ЕЦБ не купува повеќе од една третина од обврзниците на одделни земји. Ако банката остане на актуелниот волумен, границата во случајот на Германија би била достигната наредното лето.

Deutschland Eingangsschild Europäische Zentralbank EZB neue Zentrale
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Roland

Така, ЕЦБ се приближува до повлекување со „темпо на полжав“, вели Михаел Шуберт, економ во Комерцбанк. Тоа ЕЦБ го сигнализира пред сѐ преку својата комуникација, а учесниците на пазарот многу внимателно ги слушаат зборовите на „монетарците“. Значи, ако Драги денеска (20.07.2017) не каже ништо за можно проширување на волуменот на купување обврзници, тогаш тоа би бил уште еден знак за промена во монетарната политика. Ваквата внимателност во постапките е неопходна, зашто во спротивно финансиските пазари би реагирале претерано. Таквите ракциии, пак, би биле спротивни на постигнувањето на инфлациската цел, објаснува Прајс.

А, тоа е и проблемот: инфлацијата сѐ уште не е во близина на границата од два процента, за која ЕЦБ смета дека гарантира стабилност на цените. За тековнава година ЕЦБ проценува инфлација од 1,5%, за 2018 година - 1,3%, а за 2019 - 1,6%. Значи, неопходен е навистина внимателен од по жица. Внимателна е и американската централна банка ФЕД, но таа веќе успеа да се повлече од купувањето обврзници. Тоа на ЕЦБ допрва ѝ претстои, а друи кога тоа ќе се постигне, ќе може да се направи и вториот чекор - зголемување на каматите.