1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Го чекаа Груевски, го дочекаа Камчев

10 ноември 2018

Груевски не влезе во затвор, а во 30-дневен притвор завршија пет лица осомничени во истрагата „Империја“ на СЈО: бизнисменот Јордан Камчев и двајца негови соработници, и директорите Цветан Панделески и Тодор Мирчевски

https://p.dw.com/p/380Yl
Mazedonien Nikola Gruevski VMRO-DPMNE
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Никола Груевски, поранешен премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ вчера на домашната адреса не бил пронајден од судскиот доставувач за да му го врачи упатот за извршување затворска казна во траење од две години за предметот „Тенк“. Доставата на судскиот упат уследи откако Кривичниот Совет вчера го одби барањето на Груевски и на неговите адвокати за одложување на извршувањето на казната. Тој во казнено-поправната установа мора да се јави веднаш по добивањето на судскиот упат. Поради неработните викенд-денови, упатот може да му биде врачен лично на Груевски најрано в понеделник, доколку се појави на закажното рочиште за предметот „Титаник“. Со оглед дека во парламентот вчера немаше двотретинско мнозинство (80 гласови) за одземање на неговиот пратенички мандат, Груевски ќе биде затвореник со пратеничка плата. 

повеќе: Одлуката на Собранието не менува ништо за затворот на Груевски

Претходната вечер, бројни новинарски екипи цела ноќ пред затворската капија го очекуваа доаѓањето или спроведувањето на Никола Груевски. Во исто време, мала група негови приврзаници во знак на поддршка се собраа пред неговиот дом во Кисела Вода. Не го видоа ниту едните, ниту другите.

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
СЈО најавува проширување на исрагата кон нови лица и за нови кривични делаФотографија: DW/P. Stojanovski

Петмина во притвор

Додека новинарските екипи го чекаа Груевски, околу 2.30 часот утринава во затворот стигнаа дел од лицата на кои судија на претходна постапка вчера им изрече 30-дневен притвор по барање на Специјалното јавно обвинителство, во рамки на истрагата со кодно име „Империја“. Станува збор за обемен предмет за кој подолг период се водела предистражна постапка, во кој 13 лица се осомничени за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, „оштетување или повластување на доверители“, „злоупотреба на службената положба и овластување“, „измама и перење пари и други приноси од казниво дело“.

повеќе: СЈО ја гони „империјата“ на Камчев и Мијалков за злосторничко здружување

Ноќеска 30-дневен притвор им беше одреден на пет од нив, кои вчера први беа доведени на распит во Судот: на Јордан Камчев - директор на „Орка Холдинг“, „Аџибадем Систина“ и неизвршен член на Одбор на директори на ЗК „Пелагонија“; на Ненад Јосифовиќ - соработник на Камчев и член на Надзорен одбор на „Стопанска банка“ Битола; на Тодор Мирчевски - директор на „Ексико“, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“ и на Одборот на директори на „Жито Полог“; на Зорица Арсовска - сметководител во фирмите на Камчев и неизвршен член во Одборот на директори на „Жито Полог“, на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“ и на Одборот на директори на „Орка Холдинг“; и на Цветан Панделески - директор на ЗК „Пелагонија“ АД Битола. 

СЈО: Истрагата ќе се шири

На листата осомничени е и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, а покрај Јордан Камчев под истрага е и неговата мајка, Ратка Куноска Камчева, која е неизвршен член на Одборот на директори на „Орка Ходинг“, како и неговата сестра Христина Камчева Стојческа, која е неизвршен член на Одборот на директори на „Жито Полог“ Тетово и на неколку други фирми.

Со истрагата се опфатени и Лилјана Гајдовска - правник во фирмите на Камчев и неизвршен член на Одбор на директори на ЗК „Пелагонија“, Владислав Стајковиќ сопственик на „НВСП“ ДООЕЛ Скопје и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев извршен директор на „Бетон“ - Штип, Јованче Тасковски - брокер, и Дејан Јанев.

„Во скоро време се очекува и проширување на истрагата кон нови лица и за нови кривични дела. Во насока на обезбедување на имотно-правните барања од оштетените лица и обезбедување на предметите кои потекнуваат од кривичните дела, ќе бидат побарани и мерки за привремено обезбедување на имот“, соопшти СЈО.