1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Градината во замена за поглед над Копенхаген

С.Каун/ А.Трајковска 20 ноември 2013

Погледот од прозорецот ја отсликува минливоста на времето и денот, а погледот од покривот убавината на данскиот Копенхаген. Ретка можност за која се изборија архитектот Јеспер Зиндберг и неговите соседи.

https://p.dw.com/p/1ADTb
Фотографија: picture-alliance/dpa

Густо изградениот центар на Копенхаген. Високо над покривите една градина. Таа е уникатна во данскиот главен град.

Во 2010 година градината беше направена на заедничкиот покрив на три надградени станови. Тие предходно беа изградени на покривот на една 150 години стара зграда. Идејата за тоа дојде од архитектот Јеспер Зиндберг.

„Добредојдовте! Повелете влезете!“ -Јеспер Зиндберг живеe со сопругата и двата сина во еден од надградените станови директно под градината - на околу 100 метри квадратни.

„Пред да го видиме апартманот, би требало прво да излеземе надвор“, вели Зиндберг.

Градината на покривот е замена за двор со сенки.

На околу 450 метри квадратни се наоѓаат три тераси. Шест години траше борбата да се добие градежна дозвола. Проблемот беше поради тоа што, со надградените станови и градината, куќата има седум ката, наместо пет колку што се дозволени во Копенхаген. Но, конечно беше дадено зелено светло.

„Навистина е убаво, едноставно да се дојде овде горе и пет минути да се ужива во видикот над Копенхаген. Некои од моите соседи овде пред работа читаат весник. Тоа не мора да се прави секој ден, но самиот факт дека теоретски секогаш би било можно, буди чувство за луксуз“, подвлекува Зиндберг.

Прозорците на надградениот стан пропуштаат многу светлина во просториите. Едноставното уредеување во скандинавски стил ја потенцира оваа леснотија.

03.04.2013 DW Euromaxx Ambiente Kopenhagen
Станот на Зиндберг е уреден во скандинавски стил

„Еден од најдобрите квалитети на нашиот апартман е тоа што има многу дневна светлина. И се разбира изворедниот поглед кон небото и ѕвездите. Овде постојано можеме да гледаме како светлината, времето и облаците се менуваат преку денот“, раскажува Зиндберг.

Од централната дневна соба и трпезаријата се оди во спалната соба, бањата и двете детски соби.

При уредувањето Јеспер Зиндберг и неговата сопруга полагале вредност на тоа секое парче мебел да има своја историја. „Ламбата е стара улична светилка од Копенхаген. Овие модели долго време беа користени насекаде во градот, но во меѓувреме се заменети со понови модели. Затоа градот сега некои од старите светилки ги продава како собни ламби“.

Пред да се всели во овој надграден стан со градина на покривот, четиричленото семејство живееше во речиси двојно поголем стан. Но, и покрај тоа сите го сакаат својот нов дом.

„За нас ова е перфектно место. Соседството е нависина убаво и ние го сакаме станот и градината на покривот. Освен тоа со години упорно работевме и се боревме за тоа. Од тоа не сакаме да се откажеме“.

Станот на Јеспер Зиндберг и неговото семејство во Копенхаген. Добар пример за оптимално искористен простор во град.