1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Градител на мостови, а не поларизатор

30 јуни 2010

Кристијан Вулф е кандидатот за претседател кој го избра германската канцеларка Ангела Меркел. Во него многумина гледаа последен сериозен конкурент на сојузната канцеларка во партиски рамки.

https://p.dw.com/p/O6nH
Кристијан ВулфФотографија: picture alliance / dpa

Ретко некој политичар признава дека му недостасува апсолутна желба за власт и моќ. Кристијан Вулф, премиерот на германската покраина Долна Саксонија тоа го направи во интервју во 2008 година и оттогаш го следи тој епитет. Но, тој останува на својот став: „Според мене, добро е кога во политиката се присутни различни луѓе, не само амбициозни авторитарци и моќници. Мислам дека иднината им припаѓа на кротките, помирливите и дека е корисно кога во политиката некој има поинаков пристап кон работите“.

Тој не е поларизатор, туку градител на мостови, повторува постојано Вулф на прашањето во што е неговата предност за претседателската функција. Тој сака да ги обедини луѓето. Извесен период Вулф беше најомилен политичар во Германија со својот имиџ на кроток зет.

Neuer Bundespräsident wird Christian Wulff
Ангела Меркел и Кристијан ВулфФотографија: AP

Последниот сериозен конкурент на Меркел

Многумина во Вулф гледаат последен сериозен конкурент на канцеларката Ангела Меркел во рамките на Христијанско-демократската унија, на што веројатно се става крај со неговата пред се‘ репрезентативна претседателска функција.

Кристијан Вулф на премиерското место во Долна Саксонија е од 2003 година, ги истакнува добрите односи со граѓаните: „Чувствуваме навистина трајна поддршка од граѓаните, кои чувствуват дека се во добри раце, гледаат дека покраинската влада работи напорно, но скромно, донесува суштински одлуки“, истакнува Вулф.

Deutschland Niedersachsen Wahlen Ministerpräsident Christian Wulff
Вулф и сопругата БетинаФотографија: AP

Тој владее ефективно, без поголеми афери, освен разделбата со сопругата по 20 години брак, која предизвика вознемиреност во покраинската престолнина Хановер. Сегашната сопруга Бетина Вулф ја запозна на едно патување за Јужноафриканската Република, а уште пред разводот со првата сопруга доби син. Неговата кариера на адвокат и успешен политичар морал напорно да ја изгради. Со 14 години Кристијан морал да оддели многу време за грижа на тешко болната мајка и помалата сестра откако неговиот очув го напуштил семејството. Кон ЦДУ се приклучил рано, бил претседател на Школската унија на партијата.

Политички, на Вулф му успеа неколку пати да го сврти вниманието, последен пат во април годинава, кога во својот кабинет ја зеде првата министерка муслиманка, адвокатка со турско потекло. Тој успешно го осигура и влијанието на Долна Саксонија во светскиот автомобилски концерн Фолксваген, наспроти отпорите од Брисел и од економијата.

Со 51- годишниот Вулф и неговата сопруга Бетина во берлинскиот дворец Белви се вселува најмладиот претседателски пар и пачворк семејство, со две деца од претходните бракови и едно заедничко.

Автор: Бернд Греслер/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска