1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Градоначалничката Дитлинд Тиман од Бранденбург на Хафел

5 јули 2010

Да го управува градот со над 70.000 жители – тоа е задачата на Дитлинд Тиман, градоначалничката на Бранденбург на Хафел. 54-годишната Тиман е веќе шест години на таа функција и има постигнато многу.

https://p.dw.com/p/O91r

Појадокот во домот на Тиман е најважниот ритуал во текот на денот. Дитлинд и Клаус-Петер Тиман стануваат уште во шест часот за да подготват се‘. По еден час, во светлата трпезарија мириса на кафе. Масата е богато поставена со свежи земички, мармелад, кашкавал, салами и корнфлекс. Тоа е еден од ретките моменти во денот кога двајцата може да уживаат во заедничкото дружење. Но, и тогаш понекогаш мора да се зборува за некои деловни состаноци. 54-годишната градоначалничка навечер често е на некои јавни случувања. Кога им дозволуваат обврските ја придружува нејзиниот сопруг. Затоа уште кога појадуваат ги земаат електронските планери и точно се договараат.

Gesichter Deutschlands Porträt DiTiP3
Дитлинд Тиман има „отворено уво“ за се‘Фотографија: DW

Секогаш отворена за предизвици

„Таа е многу консеквентна. Кога ќе си постави цел, ја спроведува до крај“, вели Клаус-Петер Тиман опишувајќи ја неговата сопруга. Се гледа дека се гордее со неа. Пред се‘, и‘ се воодушевува на храброста да направи нешто ново и да оди до крајната граница на своите можности. „Таа скокна во тандем со падобранец од 3000 метри височина“, раскажува Клаус-Петер Тиман. Дитлинд Тиман се одликува со одлучност и упорност, пред се‘ на деловен план. Кога дошла на функцијата, Бранденбург на Хафел се наоѓал во незавидна состојба, се сеќава градоначалничката. Во времето на ГДР, Бранденбург бил индустриски град со речиси 100.000 жители. Но, по обединувањето, многу претпријатија не држеле чекор со конкуренцијата од Западот. Банкротирале и биле затворени. Невработеноста растела. Околу 20.000 луѓе се иселиле. Насекаде биле видливи знаци на запуштеност и пропаѓање. Визијата на Тиман, со која стапила на функција, тогаш звучела речиси невозможно: „Бранденбург на Хафел да биде претворен во најатрактивен град во покраината Бранденбург“. Таа се обидува да ја следи оваа цел веќе шест години.

Gesichter Deutschlands Porträt DiTiP1
Веќе не е можна поделба на приватниот и професионалниот животФотографија: DW

Јавна личност

Секој ден, кратко по осум часот Дитлинд Тиман оди со својот црвен автомобил на работа. Нејзиниот црвен спортски автомобил го знаат сите во градот. На патот до општинската зграда ја поздравуваат многу луѓе. Откако е на таа функција, веќе не е можна поделба на приватниот и професионалниот живот. „За жителите на Бранденбург секогаш сум градоначалничката.“ На почетокот, кога купувала, со чудење ја прашувале: „Зарем се‘ уште наоѓате време за купување?!“

Навистина, времето на градоначалничката е многу ограничено. Секоја минута е испланирана. Од еден состанок оди на друг. Во слободните минути секретарката ја информира Дитлинд Тиман за новите случувања. Оброците отпаѓаат или се пролонгираат за подоцна. Понекогаш руча дури навечер во 17:30 часот.

Gesichter Deutschlands Porträt DiTiP2
Појадокот е еден од ретките моменти во денот кога Дитлинд и Клаус-Петер може да уживаат во заедничкото дружењеФотографија: DW

Се‘ уште не и е потребен одмор

„Од другите никогаш не барам повеќе, отколку од себеси.“ Тоа е едно од основните начела на Дитлинд Тиман. Нејзините соработници го потврдуваат тоа. Градоначалничката гледа колку постигнала според програмата од десет точки. Ја составила самата кога дошла на функцијата градоначалник. Тиман сакала да го унапреди секторот на образованието, семејството и вработувањето во Бранденбург на Хафел. Секоја година, на јубилејот кога стапила на функцијата, прави биланс на достигнувањата. Досега тие се видливи. Невработеноста е речиси преполовена, данокот на промет е зголемен четирикратно, во центарот на градот се отворени нови продавници. Но, таа не сака да застане кај овие успеси. Дитлинд Тиман размислува на тоа повторно да се кандидира на наредните избори.

Автор: Благородна Григорова / Јасна Мушиќ - Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска