1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грозно откритие во камион во Велика Британија - 39 лешови

ЖА
23 октомври 2019

Во контејнер во бугарски камион полицијата во Лондон пронашла 39 мртви тела. Уапсен е возачот, кој наводно поминал невообичаена рута.

https://p.dw.com/p/3RmHI
Großbritannien | 39 Leichen in LKW Container gefunden
Фотографија: picture-alliance/empics/S. Rousseau

Грозно откритие во Велика Британија: во голем бел контејнер на товарен камион во индустриска област Грејс, во близина на Темза, источно од Лондон, се пронајдени 39 трупови - 38 возрасни луѓе и еден тинејџер, соопшти полицијата од Есекс. Уапсен е 25-годишен човек од британска Северна Ирска поради сомнеж за извршено убиство. „Сметаме дека камионот дошол од  Бугарија“, соопшти претставник на полицијата. Според првичната истрага, возилото ја преминало границата на Велика Британија уште во саботата, на 19 октомври и тоа со ферибот во Холихед во Велс. Експертите за транспорт сметаат дека станува збор за невообичаена рута, доколку камионот навистина потекнува од Бугарија.

Во моментов се врши обдукција на труповите. „Претпоставувам дека ова ќе биде долготраен процес“, изјави полициски портпарол. Досега не е потврдено дали станува збор за  прошверцувани мигранти,  иако многу работи укажуваат на таа претпоставка.

Службата за прва помош ноќеска се јавила во полицијата за да ја информира, за сите пронајдени во камионот секаква помош била веќе доцна. Полицијата истакнува дека е во прашање трагедија. Нејасно е кој ја алармирал службата за итна медицинска помош.

Британскиот премиер Борис Џонсон на Твитер напиша дека е шокиран, а министерката за внатрешни работи Прити Пејтл исто така изрази шокираност од исклучително трагичниот настан во Грејс.

И германската канцеларка Ангела Меркел изрази длабока потресеност поради пронаоѓањето на 39 безживотни тела во камион во Лондон. Нејзиниот портпарол Штефен Зајберт во Берлин истакна дека на британските власти им е понудена секаква потребна помош во пронаоѓањето на  одговорните организатори на транспортот.