1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски брои проекти, СДСМ го прашува каде се парите

БГ/миа/макфакс27 јули 2012

Во годишниот отчет, премиерот Груевски рече дека Владата реализирала 380 проекти. Од СДСМ го обвинуваат дека потрошил 350 милиони евра на „пералницата за пари - Скопје 2014.“

https://p.dw.com/p/15fWm
Фотографија: MIA

За една година работа на новиот состав на Владата на Никола Груевски вкупно се завршени 380 проекти предвидени со изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Груевски во денешниот отчет пред јавноста за завршените проекти во минатата година најави дека се почнати 470 проекти кои очекува да завршат во реално време.

Груевски во отчетот истакна дека во време на економска криза владата успеала да воспостави стабилност во македонската економија, не се намалувале плати, пензии, немало масовни отпуштања, а ги наброја трите препораки за старт на пристапни преговори со Европската унија.

„Поради проблемот со името Македонија остана надвор од овие евроатлантски организации,  овозможен е претпристапен дијалог кој не ги задоволува нашите аспирации, но е добра можност за приближивање на македонија кон ЕУ“, рече Груевски.

СДСМ: Груевски создаде пералница за пари

Опозициската СДСМ во писмена реакција на денешниот отчет на Груевски, му забележува дека „не дал одговор каде отишле 18 милијарди евра буџетски средства, кои заклучно со 2012 година ги потрошила актуелната власт“.

„Благодарение на погрешните политики во изминатите шест години, Македонија се губи во бесперспективност, стана светски првак во економско-социјална мизерија, се гуши во неликвидност, невработеност и огромна сиромаштија. Загрозени се човековите слободи и права, има недостаток на основни демократски вредности, нема медиумска слобода, а патот кон ЕУ и НАТО целосно е блокиран“, се наведува во реакцијата од СДСМ.

SDSM Gebäude in Mazedonien
Седиштето на СДСМФотографија: Petar Stojanovski

Македонија под водството на ВМРО-ДПМНЕ, обвинува СДСМ, нема ниту една капитална инфраструктурна инвестиција, ниту еден енергетски објект или какво било добро од кое полза ќе видат сите граѓани и генерациите кои доаѓаат.

„Единствено нешто што направи Груевски, според СДСМ, е криминалниот проект и огромната пералница на пари „Скопје 2014-та“ за која на споменици, камен, бронза, фасади и скапи огради само досега потроши 350 милиони евра народни пари. Овој криминален проект до крајот ќе ги чини граѓаните повеќе од половина милијарда евра“, се вели во соопштението.