1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: Германските фирми се добредојдени во Македонија

ЖА/миа27 февруари 2014

Македонскиот премиер на Бизнис форумот во Диселдорф пред бизнисмените ги истакна предностите на Македонија на полето на инвестициите. Македонската влада е пријателски расположена кон странските инвеститори, рече тој.

https://p.dw.com/p/1BGET
Фотографија: MIA

Македонија нуди најконкурентни услови за правење бизнис во регионот. Тоа го забележаа повеќе странски компании кои веќе работат во Македонија, а некои од нив одлучија и да реализираат своја втора инвестиција.

Ова го истакна премиерот Никола Груевски синоќа на бизнис форум во Диселдорф пред претставници на повеќе германски компании од автомобилскиот сектори, инфраструктурата, телекомуникациите, туризмот, банкарскиот и осигурителниот сектор.

„Американските Џонсон Контролс, Кемет Електроникс, Џонсон Мети, Ванхол, Технокозе, Продис, Гришко..., веќе инвестираа и ја пронајдоа Македонија како најдобра бизнис дестинација. За нас е многу важно што оние кои дојдоа одлучија по втор пат да инвестираат. Ако се условите негативни тие нема да донесат таква одлука“, рече премиерот.

Тој потенцира дека третманот на инвеститорите во Македонија е многу подобар отколку во многу други земји.

„Ако дојдете ќе наидете на Влада која е многу пријателски насочена кон инвеститорите и бизнисот. Ние имаме тим кој на дневна база комуницира со нив“, истакна премиерот.

Посочувајќи на предностите што ги нуди Македонија како бизнис дестинација тој ги напомена макроекономската стабилност, даночниот систем, доброто функционирање на инститиуциите, ниските трошоци за водење бизнис, можност за извоз на европските пазари без царина со потпишаните договори за слободна трговија, како и предностите што ги нудат технолошко индустриските развојни зони.

Груевски истакна дека во изминатите години имплементирани се низа мерки кои ја подобрија бизнис климата и претставуваат значајни поволности и за странските инвеститори и оти тоа го потврдуваат и релевантни меѓународни инститиуции.

„Во последните седум Дуинг бизнис извештаи на Светска банка, Македонија четири пати се најде меѓу топ 10 најдобри реформатори во светот. По бројот на вкупно спроведени реформи од 2005 година до сега, Македонија е на високото трето место во конкуренција со 189 земји во светот. Од 2006 година досега на листата на Дуинг бизнис Македонија напредуваше од 94 место на 25 место, што е скок од дури 69 позиции“.

Добрите бизнис услови ги потврдија и странските инвеститорите кои веќе работат во Македонија. Дирк Гурзених од ПЦЦ ДЕГ Реневебл, компанија која има добиено пет концесии за мали хидроцентрали, од кои едната е веќе изградена, рече дека најважно е тоа што Владата ги слуша потребите на инвеститорите за подобри услови за работа. Добри искуства од работењето во Македонија пренесе и Кемет Електроникс. Андреас Меер вели дека во Македонија дошле во 2010. година откако дознале за земјата од Си-Ен-Ен. Во Македонија, вели, најдовме соодветни кадри, со техничко образование, со познавање повеќе странски јазици.

Премиерот Никола Груевски заедно со економскиот тим продолжува со економската посета во Штутгарт, каде ќе се одржи нов Бизнис форум во соработка со Фајненшел Тајмс.

Германија е трет најголем инвеститор во Македонија. Меѓу германските компании кои ги искористија можностите за инвестирање во Македонија се „Дрекслер Маер“ и Кромберг и Шуберт, а потврдена е иневестицијата на Макард.