1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски доби мандат, но нема мнозинство

БГ
9 јануари 2017

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски доби мандат од шефот на државата Ѓорге Иванов за состав на нова влада и покрај тоа што нема обезбедено мнозинство од 61 пратеник во Собранието.

https://p.dw.com/p/2VWj0
Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/dpa

Експремиерот Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ добија рок од 20 дена да обезбедат парламентарно мнозинство за состав на новата влада. Претседателот Ѓорге Иванов денеска му го додели мандатот на Груевски како претставник на најголемата партија во Собранието, иако во јавноста се множат реакциите во однос на неговиот капацитет да го обезбеди потребното мнозинство.

ВМРО-ДПМНЕ освои најголем број пратенички мандати на предвремените избори - 51. Неизвесно е дали долгогодишниот партнер на Груевски, ДУИ на Али Ахмети ќе се согласи на продолжување на коалицијата. Во таков случај десетте пратеници на ДУИ би биле доволни за формирање на парламентарно мнозинство. За тоа да се случи, Груевски ќе треба да преговара со политичките партии на Албанците кои деновиве ги обединија своите барања во т. н. Декларација. Две од четирите партии на Албанците кои влегоа во парламентот, Беса и Алијансата за Албанците, експресно соопштија дека немаат намера да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ. Двајцата пратеници на ДПА би можеле да изградат мнозинство од 63 пратеници во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Самиот Груевски, во интервју за „Дневник“ викендов рече дека нема да прави влада „по секоја цена“.

„Ќе се обидам да составам влада, но не по секоја цена. Ако сé оди по досегашните установени принципи во Македонија, би требало да составам влада, но доколку се прекршат, сé е можно", вели Груевски во интервјуто.

Тој порача и дека нема да дозволи продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство. Платформата на албанските политички партии, пак, повикува на непречена работа на СЈО. 

Доколку Груевски не успее да состави влада, претседателот Иванов мандатот потоа треба да му го довери на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Партијата, со 49 пратеници, е втора по големина во Собранието.

Европската Комисија денеска одби да го коментира доделувањето на мандатот на Груевски. Портпаролката Маја Коцијанчич повторува дека во Брисел очекуваат итно да се формира влада која ќе ги спроведе реформите.

„Ние, во рамки на уставните рокови, очекуваме брзо формирање на нова стабилна влада. Ние, исто така, сакаме да видиме итна имплементација на реформите, решавање на прашањата за системското владеење на правото, исто и преку итните реформски приоритети и преку продолжена имплементација на претходните политички договори", изјави Коцијанчич.