1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски за едни популист, за други херој

Костадин Делимитов21 мај 2012

Изненаденост, осуда но и одобрување предизвика последното интервју на премиерот Груевски за МИА. Груевски изјави дека му е смачено од дволичноста на САД, Германија, Франција кон Македонија.

https://p.dw.com/p/14zRD
Фотографија: AP

Поранешниот македонски амбасадор во НАТО, Нано Ружин во изјава за Дојче Веле реагира дека ставовите на премиерот Никола Груевски се некоректни и одраз на несоодветната надворешна политика во делот кон евроатлантското интегрирање на земјата.

Според Ружин, Груевски се однесува како да се вратил од 19. век и не му е јасно оти веќе подолг период се знаело дека Македонија на самитот на НАТО во Чикаго нема да добие покана за членство. Политиката на потпирање на пресудата од Хаг, според него била погрешна бидејќи таа немала никакво значење. Ставовите изнесени во интервјуто, според Ружин се добро осмислен потег и не е никаква нервозна реакција заради односот на Алијансата кон Македонија.

„Груевски сака да го употреби постбукурешкото сценарио и игра на карта на популизам. Тогаш изјави дека не добивме покана, но го зачувавме името, а сега со став, не добивме покана, но не го даваме името и на популистички начин ќе се обиде да добие поддршка од гласачите. Тоа е добро осмислен потег и воопшто не е нервозна реакција“, смета Ружин.

Wahlen in Mazedonien Kandidaten
Нано РужинФотографија: DW / Stojanovski

Брилијантно интервју, вели Никовски

Дијамаетрално спротивна е реакцијата на Ристо Никовски. Овој поранешен дипломат за Дојче Веле коментира дека интервјуто на Груевски било, како што вели, брилијантно а квалификацијата не е случајно избрана:

„Со извонреден дипломатски такт кажа што сите чувствуваме и не само ние, истото мора да го мислат и Расмусен и Папуљас и Обама и сите други што ни ја кројат судбината. Се е речено преку факти и аргументи, кои никој не може да ги оспори. За жал НАТО се најде во една неодбранлива позиција, едно да проповеда, а друго да прави. Тоа не му служи на чест ниту на НАТО, ниту на лидерите кои го водат. Со таквата политика го загрозуваат мирот и стабилноста во регионот, си играат со оган. Македонија и Македонците ќе опстанат и 100 години без ЕУ и НАТО, а реформите кои ги најави Груевски се најдобра перспектива“, изјави Никовски.

Опозицијата бара Груевски и Иванов да се обратат во парламентот

Со реакции на осуда денеска настапи и опозицијата во Парламентот која во отворено писмо го повика премиерот Груевски, но и претседателот Ѓорге Иванов да се обратат пред Собранието и пред целата јавност да реферират за официјалните ставови на државниот врв и плановите за евроталантските интеграции на земјата по самитот на НАТО во Чикаго. ДПА побара распуштање на парламентот и распишување вонредни парламнентарни избори. Реагираше и ДУИ, коалициониот партнер во власта. Од оваа партија соопштија дека не се согласуваат со оценките на Груевски за дволична политика на НАТО и меѓународната заедница. Членството на земјата во Алијансата според ДУИ нема алтернатива.

Mazedonien Präsident Gorgi Ivanov
Ѓорге ИвановФотографија: Petr Stojanovski

Според поранешниот шеф на дипломатијата Антонио Милошоски интервјуто на премиерот Никола Груевски е сосема искрено и отворено и добро објаснување за состојбите што се однесуваат на Македонија и на Грција во контекст на македонската интеграција во НАТО.

„Македонија во многу наврати е поканувана да биде дел од чуварите на „шаторот“ на НАТО. За жал заради една земја членка се уште немаме покана и дозвола да „спиеме“ во истиот шатор на НАТО. Тоа е еден непринципиелен однос, но истовремено имаме и самодоверба и правда на наша страна, ја имаме и пресудата од Хаг, треба уште малку трпеливост, упорност, достоинство и сметам дека Македонија ќе си го добие заслуженото место“, изјави Милошоски.