1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски и Ахмети знаат: само еден ќе може да се извлече

13 јануари 2017

И Ахмети и Груевски посакуваат избори, но секој со мотив за спас на сопствената кожа. Засега тој процес е сѐ уште определен од заемната потреба за меѓусебна поддршка, вели поранешниот амбасадор Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/2Vk5w
Mazedonien Parlamentswahl Siegesfeier der Opposition
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

Како ќе се ефектуираат изборните резултати, дали ДУИ ќе реши повторно да влезе во влада со ВМРО-ДПМНЕ, каква е употребната вредност на декларацијата на албанските партии и опасноста од еутаназија на СЈО и на граѓанскиот сектор, се дел од темите за кои разговаравме со Арсим Зеколи, поранешен македонски амбасадор и ценет политички аналитичар.

ДВ: Изборите, од очекуван почетен чекор за излез од кризата, по сила на резултатите се претворија во нов Гордиев јазол. Според вас, кој може да го пресече тој јазол, со чија (коалициска) помош, и по која цена?

Арсим Зеколи: За да се пресече, збор-два за опис на самиот јазол. Изборите не ја разрешија кризата, но мислам дека придонесоа кон разјаснување на линиите на поделба. Да не должам, причината за сегашната хаотична збунетост се крие во истовременото синхроно поклопување на неколку спротивставени и испреплетени реалности кои се делумно политички, делумно етнички, делумно социјални и.т.н. Зборот ми е за статус-кво состојба на судир помеѓу консоционалниот и центрипеталниот концепт кој тешко се надминува како премин во чисто граѓански концепт, бидејќи досега нема пример како преседан кој би можеле да го земеме како урнек. Паралелно со тоа, се одвива судир помеѓу етатистичкиот и републиканскиот светоглед, кој тешко се надминува низ изборни процеси. За работите да бидат уште покомпликувани и спротивни на врежаните впечатоци и мислења, овие триења и судири не се одвиваат само по линија на политички или етнички поделби, туку синхроно се одвиваат и прелеваат и во меѓуетничките и интраетничките односи. Со таа мисла на ум, и по распоредот на силите во постизборието, разрешницата тешко дека може да ја донесе некој, туку може да уследи како продукт на нешто. Попрецизно кажано, ќе има развој на настаните кои ќе бидат толку егзистенцијално доминантни, што едноставно ќе ги истиснат овие поделби и ќе се наметнат како доминантни над приоритетите на партиите и тесноградите интереси. Се надевам и посакувам таа катарза да биде социјална и економска, бидејќи колку и да вроди со тешки економски последици, тие сепак се надоместливи.

Интервјуто на Ахмети откри дека и преполовените изборни резултати се толкуваат како „победа“ на ДУИ, и дека неговиот тас натежнува кон стариот коалициски партнер и принципите на Мајскиот договор. Може ли од овие првични индиции да се прочита дека старите партнери влегуваат во нов танц, беа разлика дали ќе биде тоа нова влада или заткулисен план за нови избори?

Тоа некогашно партнерство всушност одамна има еволуирано во сијамско близнаштво на две, по сите основи различни тела, но егзистенцијално поврзани во молк преку меѓузависност од ќарот, придобивките и стравот од санкции поради криминалот кој ги спојува во еден единствен аморален систем. И двата лика, и Груевски и Ахмети, наликуваат на разбојници од серџолеоновски шпагети-вестерн, дефанзивно потпрени грб на грб и опколени со потера од сите страни. Вистина, со полни бисаѓи на ограбени пари и доволно муниција, но сепак свесни дека процепот за бегство е толку тесен што само едниот ќе може да се извлече. Поради тоа и мислам дека и Ахмети и Груевски посакуваат избори, но секој со мотив за спас на сопствената кожа. Засега тој процес е сѐ уште определен од заемната потреба за меѓусебна поддршка. Во сенка на тековно горливата тема за тоа кој со кого ќе состави влада, забораваме дека де факто и де јуре ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се на власт, и тоа им дава доволно простор и комоција за фокусирање на приоритетното и далекусежно побитното прашање. А тоа е потхранување и градење на нови општествени и политички динамики со цел разбивање на опозициската кохезија во двата кампуса. И тоа во добар дел им успева во однос на политичките прашања, но ниту приближно во однос на економско-социјалните состојби и чувства на граѓаните.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Како вие ја оценувате декларацијата на албанските партии? Првичен впечаток во јавноста е дека таа, фокусирајќи се на етничкото, свесно ли не, го згази првиот јасен никулец на граѓанското и дека заврши токму пред вратите на Груевски, отворајќи му простор од клиент на правдата да се брендира како бранител на унитарноста на државата.

Ја поздравувам, но имам големи резерви кои ја условуваат мојата целосна поддршка. Ја поздравувам како иницијатива за дефинирање на барањата, потребите и размислите на Албанците, но резервата за поддршка е неминовна поради лицата кои ја имаат потпишано, нивните досегашни кусогледи поведенија и часот во кој е усогласена како постизборна, задоцнета памет. Само да потсетам дека токму Беса и ДПА-ДР се клучните виновници поради кои денес Ахмети сѐ уште е главниот претендент за формирање на власта, а посредно со тоа и на мандатот доверен на Груевски. Втората резерва се однесува кон духот на декларацијата во која се подвлекуваат пораките и барањата кон другата страна, но без осврт за внатреалбанските недефинирани прашања. Тие, како што може да се види, опстојуваат и по декларацијата и со тоа ги хендикепираат двете дименизии на односите. Што се однесува за мотивот на фокусирање врз етничкото како намера, не само што сум согласен, туку го имам најавено во постизборната изјава за вашата медиумска куќа - дека и во ДУИ и во ВМРО-ДПМНЕ 'агонијата на губење на популарноста ќе вроди со зајакнување на политиките за владеење преку раздор, со цел да го ослабнат антирежимскиот круг'. Но сепак мислам дека појавата на декларацијата има и своја предисторија и други аспекти кои треба да се земат предвид при носењето суд.

Кои се тие аспекти?

Пред сѐ, реалполитичката димензија на реакција на албанските партии кои се почувствуваа алармирани од одливот на албански гласови кон СДСМ, како и чувството за нивна дезавуизација во политичкиот процес, како што беше случај во текот на Пржинските преговори. Имено, декларацијата се нема појавено во вакуум, туку во добар дел е нус-продукт на перцепција за постоење на непишана, неформална платформа од другата страна, која ги загрозува интересите на албанските политички претставништва. Но, има и една поделикатна димензија на декларацијата, која недоволно се зема предвид, а се однесува кон надворешната или меѓународна рекалибрација на односот кон Албанците, преку ревалоризација на албанскиот етнички аспект, наместо верскиот момент, како што одредени кругови од регионот се обидуваа да го наметнат. Станува збор за процес кој постепено се одвива и во западните и во источните политичко-безбедносни кругови. Момент кој, за жал, мислам дека недоволно сериозно се зема предвид од СДСМ и албанската опозиција, оставајќи огромен простор на ДУИ да капитализира и добие предност.

Belgien EU-Parlament in Brüssel
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Hoslet

Кои се причините за воздржаност на гарантот на Пржинскиот договор, официјален Брисел, околу временските стапици за СЈО, со кои на единствениот вреден пржински продукт му се заканува еутаназија, исто како и на граѓанскиот сектор под паролата за „десоросоизација“. Дали владеењето на правото и слободата на граѓанско здружување пак може да станат небитни европски критериуми, ако изборот е меѓу демократија и „каква - таква стабилност“, макар и авторитарна.

Да бидеме прво малку самокритични. На Брисел и секоја западна престолнина им е целосно јасно кој е Груевски, кој е Али, какви им се партиите и начинот на кој владеат и 'победуваат'. Во тоа бидете убедени без трошка сомнеж. Но, стравувам дека не сосема, и не на сите во меѓународната заедница им е доволно јасно каква е опозицијата која се стреми да ги замени, начинот на кој ќе владее, последиците и бенефитите кои ќе уследат. Изјавите на Ван Хауте за начините на кои се договарал мандатот на СЈО, или пак прашањата од високи западни претстaвници дали СЈО е непристрасна, не можат и не смеат да се отфрлат со презир или гнев, туку да нѐ присилат на потрезвено размислување дали со нашите постапки даваме повод за сомнеж и храна за режимските демагогии. Во крајна основа, не треба многу мудрост за да се заклучи дека добар дел од меѓународната заедница ја споделуваше нашата желба за отстранување на овој режим, но дел од нив - како и од нас - беа непријатно изненадени кога партиската борба за превласт ја фрли борбата против режимот во втор план. Самата опозиција преку отворање на теми кои го одвлекоа вниманието од сплотувачкиот столб на отпор кон криминалот и корупцијата, ја саботираа сопствената обединувачка мисија и со тоа дадоа ветер во крилјата на власта и предизвикаа порезервиран однос на странскиот фактор.

Состојбата е дотолку покомпликувана поради тоа што веќе ниту ЕУ ниту меѓународната заедница сами по себе подразбираат демократија, слобода, либерализам, отчетност. Односот на некои земји од ЕУ кон состојбите кај нас, како на пример Австрија, Унгарија, Франција, Шпанија, Грција повеќе може да се оцени како деструктивен, отколку конструктивен или добронамерен. Ниту пак поведенијата на самата ЕУ- администрација или ОБСЕ заслужуваат беспоговорна позитивна оценка, поради што сега ги сносат последиците на речиси сеопшта дефакторизација кај нас и во регионот, како последица на флертот со овдешните криминални милјеа. И тоа е картата на форсирање на 'меѓународна заедница' според идеолошка блискост или бизнис поврзаност која ја форсира Груевски, а на која мораме да реагираме и се спротивставиме. Поврзано со тоа, не можеме да се потпреме на Брисел, Вашингтон да ја диктира нашата реалност, туку самите да диктираме ритам по кој тие ќе ја определуваат политиката кон нас.

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. StojanovskiDW/P. Stojanovski

Кој е ритамот што приоритетно треба да биде диктиран?

Да бидам конкретен, продолжување на мандатот на СЈО не смее да биде последната линија на одбрана, туку црвена линија. Мора да биде јасна одредница на опозицијата дека - ако нема Специјален суд, нема причина за седење во Собрание, ниту пак за учество на избори. Дека најавената десоросоизација не е чекор на воспоставување ред, туку политичка мимикрија за деамериканизација и отклон од Европа според руски интерес, токму како што тоа го дефинираа владините мегафони. На меѓународната заедница мора да ѝ се даде до знаење дека изгладнувањето на невладината заедница ќе води кон гушење до илегализација на опозициското делување и процут на поинакви, безбедносно поризични фактори, кои ќе бидат предизвик и за нивните интереси во регионот.