1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: Македонија била мета на странска служба!

Катерина Блажевска25 февруари 2015

Кон средина на 2014. за материјали наменети за странска служа се заинтересирало и лицето З.Заев, кој прво со нив се обиде да изнуди техничка влада, рече премиерот Груевски, одговарајќи на четвртата „бомба“ на опозицијата

https://p.dw.com/p/1EhjM
Фотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev

Македонија била таргет на прислушување на странска разузнавачка служба, изјави денеска (25.02) премиерот Никола Груевски, на прес-конференцијата што ја одржа непосредно по обелоденувањето на четвртата „бомба“ на опозицијата. Според Груевски, шпионажата ја вршеле професионалци од висок калибар кои биле високо обучени за такви дејствија.

„Kон средината на 2014 за овие материјали се заинтересирало и лицето Зоран Заев, кој најпрво со нив се обиде да изнуди техничка влада. Директните извршители се уапсени. За останатите ќе следи судска постапка“, посочи Груевски. Тој потенцира дека лично побарал посебни истражни мерки (ПИМ) за лидерот на СДСМ, Зоран Заев, откако тој му најавил дека поседува некакви компромитирачки материјали. Груевски пријавил во полиција, по што следеле ПИМ-мерки и снимање на разговорите со Зоран Заев во неговиот кабинет. За таа цел била монтирана опрема, која подоцна била демонтирана.

Според Груевски, незаконското снимање за кое Заев ја обвинува власта, почнало од 2010 година, на два начина. Првиот, според признанието на двајцата полицајци кои последни беа уапсени за случајот „Пуч“, бил организиран од лицето З.В. (првосомничен во „Пуч“) преку нивно врбување за паричен надоместок. Тие требало да снимаат разговори според дадена нарачка, а за потребите на странска служба. Докази за тоа биле најдени кај З.В. кои покажале дека материјлите се со преводи и проследени со објаснувања, најверојатно за странскиот нарачател да добие јасна слика за односите меѓу учесниците во снимените разговори. Едниот од уапсените полицајци (З.К.), кој целосно го признал делото, денеска е осуден со правосилна судска одлука за кривичните дела шпионажа и неовластено прислушување, за што му е изречена единствена казна затвор во траење од 3 години. Неговиот колега, дел од ваквите активности ги признал дури кога бил соочен со доказите, но се правдал дека му било ветено дека тие материјали никогаш нема да бидат јавно објавени, туку дека се наменети за странство.

Груевски потенцираше дека вториот начин на снимање бил со тактичка опрема.

„МВР ангажраше врвни странски експерти кои утрдија дека на различни локации во Скопје нелегално биле снимани разговори преку клонирање на базните станици. Локацијата на снимањето се менувала во радиус од околу 2 километри, но главно се одвивала низ Центар околу државните институции. Од таму се лоцирале и телефоните на државниот врв“, рече Груевски.

Тој додаде дека опремата за прислушување најчесто била приклучувана во периодот од 12 до 18 часот, посочувајќи дека истрагата околу ова се‘ уште трае, бидејќи сторителите не се откриени.

Според МВР, како што рече премиерот, за овие тврдења постоеле цврсти докази. Тој нагласи дека институциите во Македонија знаат која е странската служба од кои, според него, лидерот на СДСМ Зоран Заев ги добил материјалите. Одговарајќи на новинарски прашања, за тоа, доколку тезата за странски служби е точна, зошто ниеден странски амбасадор не е протеран од земјава, Груевски рече дека по завршувањето на судската постапка ќе се донесе одлука дали нешто треба да се преземе. Тој за овој случај со прислушувањето вели дека е потребна правна, институционална и политичка развршница. На прашање дали ќе прифати странски посредници за решавање на политичката криза, Груевски одговори дека за него бил добредојден секој кој и‘ посакува добро на Македонија, а пред новинарите и децидно потврди дека нема да има предвремени избори.

Прашан од новинарите за тоа дали со ова е пробиен безбедносниот систем на државата, Груевски рече дека со вакви случаи се соочуваат и најмоќните земји, а она што било важно е дека сторителите биле фатени.

Денеска со реакција се огласи и МВР.

„Хартиите со кои денеска манипулираше четвртоосомничениот Зоран Заев се најобична лага, а не документи на Управата за безбедност и контраразузнавање. МВР и УБК во време на сегашното раководство никогаш ниту незаконски следеле ниту правеле анализи на новинари. Најостро ги демантираме сите изнесени клевети и конструкции објавени од страна на четвртоосомничениот Зоран Заев. Истиот се товари за најтешки дела против државата и граѓаните и во судска постапка по опертивната обработка ’Пуч’, согласно Законот, ќе добие можност да ја даде својата одбрана за материјалите за кои изјави дека му биле дадени од странска служба. Со денешната пресуда започна разврската во акцијата ’Пуч’ и се‘ поочигледно станува дека четвртоосомничениот Зоран Заев почнува да се губи и да тоне обидувајќи се да исконструира се‘ поголеми лаги“, се вели во соопштението на МВР.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема