1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: Македонија има најниски трошоци за бизнис

БГ/миа30 август 2012

Македонија ги дели и истите вредности со Западна Европа и тоа е една од причините зошто сакаме да сме таму, вели македонскиот премиер Никола Груевски во интервју за канадска телевизија

https://p.dw.com/p/1605K
Фотографија: MIA

Република Македонија е земја која нуди најниски трошоци за водење бизнис, а со договорите за слободна трговија со сите земји од ЕУ, обезбедува пазар од 660 милиони жители каде што може да се извезува без царински давачки.

Ова во интервју за канадската телевизија Бизнис Њус Нетворк (Business News Network) во Торонто го изјави македонскиот премиер Никола Груевски, кој предводи владина бизнис делегација во политичко-економска посета на Канада и САД.

„Се‘ што некој произведува во Македонија, може да биде извезено во ЕУ без царински давачки и од Македонија може да биде покриен пазар од 660 милиони луѓе. Друга важна работа што Македонија ја нуди се најниски трошоци за водење бизнис, не само даноци, туку се' останато. Не постои земја во Европа што нуди пониски трошоци за водење бизнис“, изјавил Груевски.

Според него, Македонија има висок потенцијал со голем број високо образовани луѓе, подготвени да им се придружат на компаниите. Има стабилна пазарна економска политика, ниска задолженост од 28 отсто од БДП, ниска инфлација, што значи добри услови за бизнис.

Прашан зошто Македонија сака да стане дел од ЕУ, во време кога таа се соочува со низа проблеми Груевски дециден дека Македонија споделува исти вредности со западна Европа.

„Главно, наша стратешка цел е да се придружиме на ЕУ, пред се', бидејќи целиот регион каде што е Македонија, Балканскиот полуостров, се движи кон ЕУ. И добро е што тоа се случува, бидејќи ЕУ има подобри стандарди кои што ние ги имплементираме во нашата земја и регионот. Има голема поддршка од фондовите на ЕУ за земјите што се приклучуваат на ЕУ, така што има многу причини. Ние ги делиме и истите вредности со западна Европа и тоа е една од причините зошто сакаме да сме таму“, истакна Груевски.