1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: “Може - не може“ за славењето на Илинден на Прохор Пчински треба да се избегне

Горан Петрески31 јули 2006

Мандатарот Никола Груевски порача дека не треба да се бара гостопримство во манастирот Прохор Пчински се додека не се нормализираат односите меѓу црквите на Македонија и на Србија.

https://p.dw.com/p/Add1
Никола Груевски по победата на изборите
Никола Груевски по победата на изборитеФотографија: AP

Мандатарот Никола Груевски нема да стигне да ја промовира новата влада на Илинден од Крушево, како што планираше по победата на изборите на петти јули. Додека тој го комплетира својот кабинет ќе поминат уште неколку дена. На Македонија и претстои прославата на најголемиот национален празник. Засега е познато само дека од Мечкин камен ќе се обрати шефот на државата, Бранко Црвенковски. Меморијалниот центар Пелинце забрзано се подготвува за одбележување на АСНОМ, но кој од државниот врв ќе оди таму сеуште не се знае. Парламентот е без претседател, кој традиционално на втори август заминуваше во Прохор Пчински, ако српската држава и црква го дозволуваа тоа. Сега мандатарот Груевски вели дека АСНОМ заслужува достоинствена прослава и оти Македонија треба да престане да моли за влез во Прохор Пчински, манасатирот каде што пред 62 години се удрени темелите на македонската државност. Груевски со став:

“Мислам дека додека не се реши проблемот меѓу МПЦ и СПЦ ние треба да најдеме достоинствен начин тоа да го правиме на друга локација – тоа може да биде литургија во црква или нешто друго. Ми се чини дека секоја година барање и чекање со месеци на одговор дали СПЦ ќе ни дозволи да влеземе зад портите на манастирот Прохор Пчински не е достоинствено за Република Македонија и тоа најчесто завршува со одбивање или пак прифаќање од условен карактер - дека мора да се поздравиме со определени личности, односно дека ако не се поздравиме нема да бидеме добредојдени„.

Сличен е ставот и на поглаварот на МПЦ, господин господин Стефан:

“Илинден треба да го одбележуваме секаде, а вие знаете како е да се отиде во Прохор Пчински и не би сакал да го поставуваме тоа прашање бидејќи најмногу треба да го одбележуваме таму каде што Илинден всушност започнал. Крушево е местото на сите причини за сите други славења. “

Во последниве години Илинден редовно го актуелизираше случајот Јован. Така е и годинава. Вранишковски понуди да лобира за влез на македонска делегација во Прохор Пчински, во замена за негово помилување. Во Македонија е распишана потерница по него откако минатата недела не се јави на издржување затворска казна.