Груевски не успеа да формира влада, бара нови избори

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не успеаја да се договорат за формирање нова влада. По повеќедневни внатрепартиски разговори, раководството на „интегративците“ не успеа да изгради заеднички став за ова прашање

Раководството на ДУИ доцна синоќа не успеа да најде заеднички јазик за евентуална нова коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

„Не донесовме одлука во однос на било која од опциите кои беа на маса, без исклучувања на ниедна, досега немаше доволно аргументи за конечна одлука“, изјави партискиот портпарол Бујар Османи. Тој вели дека сите опции се отворени во наредниот период и дека на партијата и е потребно уште време за консултации и одлука.
Од ВМРО-ДПМНЕ по полноќ порачаа дека по одлуката на ДУИ „зрело решение" би биле нови избори.

Партискиот лидер Никола Груевски имаше рок до неделата на полноќ да го обезбеди потребното парламентарно мнозинство, откако шефот на државата Ѓорге Иванов му го довери мандатот за состав на влада.

Од оваа партија порачуваат дека секое решение кое ќе ја исклучи ВМРО-ДПМНЕ од идното владино мнозинство „ќе доведе до нова конфликтност и проблеми во и онака поделеното општество".

ВМРО-ДПМНЕ освои најмногу пратенички мандати на предвремените парламентарни избори на 11-ти декември. Но не успеа, мнозинството од 51 пратеник во 120-члениот парламент, да го преточи во парламентарно мнозинство за формирање влада.


Поврзана содржина

Следете нѐ