1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски подготвен на директни средби со Атина за името

БГ/макфакс/миа24 јули 2012

Македонскиот премиер на средбата со медијаторот Метју Нимиц изразил подготвеност за директни средби со грчки претставници за надминување на деценискиот спор околу името.

https://p.dw.com/p/15e3O
Фотографија: AP

Подготвеност за директни средби на највисоко ниво со грчката страна за надминување на спорот со името, изразил денеска (24.07) македонскиот премиер Никола Груевски, на средбата со Метју Нимиц, медијаторот на Обединетите Нации.

Груевски, како што се вели во владиното соопштение, изрази надеж и очекување за конструктивен пристап и од грчка страна, како и неопходност од давање приоритет на ова прашање од страна на Грција.

Македонскиот премиер го потенцираше конструктивниот пристап на македонската страна и подготвеноста за продолжување на динамичен дијалог, а во интерес на изнаоѓање на решение.

Веднаш по средбата Нимиц замина во Охрид каде што попладнево треба да има тет-а-тет разговори со претседателот Ѓорге Иванов.

Нимиц ќе му се придружи на генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун кој вечер на Охридскиот аеродром пристигнува во дводневна официјална посета на Македонија.

Посредникот Нимиц од Скопје на 26 јули заминува за Солун каде што треба да се сретне со грчкиот претставник во разговорите за името Адамантиос Василакис.