1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атина сака да ги врати талентираните Грци во земјата

Анти Карасава
25 декември 2019

Грција полека економски се опоравува, а новата влада во Атина се обидува со амбициозен проект да ги врати талентираните професионалци во земјата. Но зошто тие би се вратиле?

https://p.dw.com/p/3VIRU
Berufspendler | Stöckelschuhe
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Klose

Во екот на грчката финансиска криза, Димитрис и шестмина од неговите најблиски пријатели си заминаа од земјата во потрага по работа во земјите на ЕУ. Сега, неколку месеци по падот на левичарската влада, пријателите на Димитрис размислуваат за враќање дома. Четворица од нив веќе се вратија во Атина со намера да се вработат или да започнат сопствен бизнис.
Но Димитрис, 33-годишен економист кој студирал во Британија, кој веќе три години работи за различни мултинационални компании во Шпанија, сепак сака да почека.
Тој го поддржува планот на новата влада да го запре одливот на мозоци и да ги врати заминатите млади луѓе ветувајќи им месечна плата од најмалку три илјади евра.
„Тоа е добар потег“, вели Димитрис, кој сака да остане анонимен поради тоа што се уште работи во фирма во Шпанија. „Младите умови прават пари. И доколку се вратат во Грција, тие можат да заработат и за себе и за земјата“.
„Но јас се двоумам дали да ја прифатам мамката“, ни објаснува телефонски од Мадрид. „Сакам да видам што ќе се случи пред да почнам да размислувам дали да се пакувам“.
Од доаѓањето на власт во јули годинава, премиерот Кирјакос Мицотакис ги намали даноците и ги заживеа плановите за приватизација со надеж дека тоа ќе отвори работни места и ќе го засили развојот по осумгодишни тешки мерки за штедење.
Првичните планови создадоа позитивна атмосфера, која доведе и до раст на добивките на Атинската берза за 40 проценти.
Но обидот да се вратат младите, образовани Грци во земјата останува неизвесно.
Според амбициозниот план, на повратниците им се гарантира најмалку двегодишно вработување, од кои првата година ќе биде финансирана од државата со 75 проценти. Први ќе бидат опфатени високообразованите професионалци и научници на возраст меѓу 25 и 40 години, а надежта е дека до февруари следната година ќе се вратат околу 500 луѓе.
Но, една недела откако Министерството за труд ја започна кампањата повикувајќи ги грчките компании да понудат добро платени работни места, само 10 од нив дале конкретни понуди.
„Очекуваме со тек на време да тргне работата“, вели Константин Аграпидас, службеник во Министерството за труд кој е задолжен за проектот. „Ова е пилот план. Никогаш досега не било направено нешто вакво, но ние сме големи оптимисти“.
Аграпидес објаснува дека во моментов главната цел е да се документираат потребите на технолошките фирми во Грција.
„Откако тоа ќе го сториме можеме да изработиме и поголем план, со подиректен пристап со кој ќе се насочиме кон професионалци кои си заминале од земјата“, вели Аграпидес.

Griechenland l Ministerpräsident Kyriakos Mitsotakis
Кирјакос Мицотакис се обидува со амбициозна агенда да ги врати иселените назад во земјатаФотографија: picture alliance/Pacific Press/D. Karvountzis

Чекор по чекор

Околу 470 илјади Грци ја напуштија земјата од 2008 година, кога започна економската криза. Од нив, најмалку 270 илјади се обучени професионалци, вклучително и лекари и инжињери на возраст меѓу 20 и 39 години кои во меѓувреме се вработиле во Германија, Велика Британија или Обединетите арапски емирати, според податоци на грчката Народна банка.
Мицотакис се обиде да го засили процесот привлекувајќи поранешни вработени во Гугл и Мајкрософт во својот кабинет.
„Не очекуваме работите да се сменат преку ноќ“, вели Григорис Зарифопулос, поранешен директор во Гугл кој сега е на чело на грчкото министерство за технологија. „Ниту пак се работи за план со кој одеднаш ќе се излечи одливот на мозоци. Но тоа е поттик и придвижување во вистинска насока. Сакаме компаниите да ги привлечат талентираните“.

Ништо не е сигурно

Последниве години, анализите покажуваат дека секој четврти Грк кој избегал од кризата не сака да се врати во татковината. Половината од анкетираните велат дека би се вратиле само доколку добијат гаранции за исти плати и работни услови како и во странство.
„Не си заминам пред осум години затоа што ми недостасуваа три илјади евра во месечниот буџет“, вели Јоргос Гоцинас, технолошки консултант кој успеа во Велика Британија да оформи компанија за компјутерско кодирање. Она што го избркало од земјата, додава тој, биле малите шанси, тој и семејството, да имаат „нормален живот“.
„Да барате од некој, кој напорно работел во странство за да си го обезбеди семејството со добра иднина, да се врати е нереално“.
„И сега да се вратам дома за три илјади евра? Фала, ама не треба!“, вели Гоцинас.