1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грците се надеваат на Обама

Јанис Пападимитриу / Александар Методијев5 ноември 2012

Грција го очекува исходот од изборите во САД и се надева на дополнителна политичка поддршка од преку океанот за справување со должничката криза. Многу Грци се надеваат на повторен избор на Барак Обама.

https://p.dw.com/p/16cuy
Фотографија: dapd

Во кризни времиња тишината се врати во грчко-американските односи. Но, сепак и натаму има уште многу точки за кои двете земји не се согласни. Многу Грци во кипарскиот конфликт ги напаѓаат САД како „поддржувачи на Турција“ и се приклонуваат кон теориите на заговор. За време на воените операции во Авганистан американската страна посакуваше посилен грчки ангажман. Исто така и одлуката на Атина да не ја признае независноста на поранешната српска провинција Косово останува контроверзна тема меѓу Атина и Вашингтон.

griechische Eu-Parlamentarier Maria Eleni KOPPA
Марилена КопаФотографија: EP

И покрај ваквата позадина за Грците е многу интересна битката за Белата куќа. Повторниот избор на актуелниот претседател Барак Обама всушност ќе ги исполни грчките интереси и очекувања, објаснува Марилена Копа, професорка по меѓународни односи во Атина и европратеничка од редовите на една од грчките владејачки партии – ПАСОК. Во секој случај Грците кои живеат во САД традиционално ќе гласаат за демократите, објаснува политичарката.

„Демократите имаат повеќе слух за загриженоста на Грција“, вели Копа. Освен тоа, не треба да се заборави дека поранешниот претседател Клинтон е прв и до сега единствен американски политичар кој се извини за одобрувањето во САД на грчката воена диктатура во периодот од 1967 до 1974 година.

„Обама ја поддржа Грција“

Како позитивно се оценува и менаџирањето со кризи на актуелниот Претседател. „Барак Обама ја поддржа Грција едно време, кога германскиот однос кон владата во Атина беше посебно затегнат“, вели политичарката.

Спротивно на него, републиканскиот противник Мит Ромни од многу Грци не беше добро прифатен, поради неговите јавни изјави. Тој не би потрошил на кризата во Европа „ниту еден едниствен долар“, објасни Ромни на почетокот на 2012-та година во едно интервју во весник. За време на внатрепартиските избори тој се потсмеваше со грчките долгови. За разлика од Ромни, актуелниот претседател до сега во грчката јавност е перцепиран само позитивно, објаснува европратеничката Марилена Копа.

„Значајно е тоа што од инаугурацијата на Обама традиционално силното антиамериканско расположение почна да исчезнува“, смета политичарката од редовите на социјалистите. „Јас дури би рекла и дека антиамериканските чувства во минатите четири години беа тешко забележливи“.

USA TV-Duell Mitt Romney Barack Obama Boca Raton
Обама и РомниФотографија: AP

Спласнати очекувања

Не сите Грци го делат мислењето дека демократите ќе бидат подобриот избор. Конзервативно-либералниот доцент по политички науки и поранешен министер, Андреас Андрианопулос, ги спласна очекувањата за можниот втор избор на Обама и покажува поголемо воодушевување од републиканецот Ромни, бидејќи тој има подобра економска компетентност. Андрианопулос смета дека врз американската надворешна политика исходот од претседателските избори нема да има значајно влијание .

„Впечатокот дека демократите се пријателски настроени кон нас, кој наголемо се шири, не е вистинит. Вистината е дека републиканците од принцип го отфрлаат меѓународниот ангажман“, смета поранешниот политичар.

Спротивно на тоа, демократите се водени од идеалот да ги пренесат американските вредности во светот и затоа често се вклучени во конфликти – од Куба и Виетнам до Босна и Косово. Но, на крајот САД ќе ја ориентираат својата надворешна политика според сопствените интереси, без оглед кој ќе стане претседател“, смета Андрианопулос.

Грците се посебно горди на нивните сонародници, кои живеат во САД како трета или четврта генерација. Како и други имиграциски групи, многу „грчки Американци“ се организирани во лоби групи и се обидуваат да влијаат на надворешната политика на Вашингтон.