1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грците се уморни од реформи

Милтијадес Шмит
7 април 2017

Грција и европските министри за финансии на Малта постигнаа напредок во преговорите за реформи - услов за нова транша помош, но Грците тешко прифаќаат реформи.

https://p.dw.com/p/2aris
Griechenland Flagge mit Vollmond in Athen
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Закоравеноста на грчките структури е тешко сфатлива за кредиторите, со оглед на тоа што реформите би можеле да го поттикнат економскиот раст и да создадат нови работни места. Но, структурните реформи во корен би го потресле грчкото општество, би го еродирале со децении градениот сплет од меѓузависности, услуги, сигурност. Така, без оглед на должничката криза, не смее да има вакви потреси, смета мнозинството Грци.

Зошто Грците одбиваат структурни реформи

„Ако си влезен некаде, тогаш си сигурен“- ова е најчестата реченица кога со Грците разговарате за проблемите во нивната земја. „Да си влезен некаде“ значи да си дел од мрежата на непотизам и корупција, чиј стожер е државата. А за да бидеш „внатре“, потребни се добри врски. Во Грција без врски не се станува  ни ѓубреџија, зашто тоа е државна служба, што значи сигурна плата во економски слабата и несигурна земја.

Директорот на едно државно претпријатие, кој инсистира на анонимност, објаснува според каков принцип се одвиваат јавните работи во Грција, како во секојдневието функционира тоа „да си влезен некаде“. „На пример, моето претпријатие има потреба од нов цевковод во вредност од четири милиони евра. Приватна фирма ќе ми испорача цевки во вредност од само два милиона евра. Останатите два милиона ги делиме јас и мојот лиферант, кој, се разбира, ми фактурира четири милиони евра“, објаснува директорот. Јасно, ваквите тендери јавно се распишуваат, во целосна согласност со европските правила, но „победникот“ е однапред познат. Грчко секојдневие, непроменето присутно и во кризата.

Griechenland Athen Schuldenkrise
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Ochoa de Olza

Кратењето на платите ја стимулира корупцијата

Намалувањето на платите на административците го заостри проблемот со корупцијата“, истакнува индустријалец од околината на Атина, кој исто така сака да биде анонимен. Службениците во вакви околности бараат „нови извори“ на приходи, се жали тој. Неодамна, еден државен службеник во петок отишол во контрола на едно претпријатие. Не постоела никаква неправилност, но службеникот не сакал да си замине од фабриката, со часови седел во канцеларија, без да каже ниту збор. По завршувањето на работното време, директорот на претпријатието се чудел што да прави со него, и тој и вработените сакале да си заминат дома. Доцна попладнето морале да му дадат еден плик со неколку стотици евра, за да се откачат од него.

Уште еден интересен пример: германскиот дисконтер „Алди“ е незапирлив. Во кој дел од светот и да отвори своја филијала, бележи успех со асортиманот и поволните цени. Сѐ додека не се одважи да фати корен во Грција - и доживеа фијаско, без оглед што во кризната земја евтините прехранбени производи сигурно ќе беа добредојдени. Познавач од браншата проценува дека авантурата на „Алди“ под грчкото сонце го чинела околу една милијарда евра. На менаџерите на „Алди“ на крајот им дошле преку нос постојано новите „услови“ на Грците и ја повлекле рачната кочница. Напротив, најостриот конкурент на „Алди“ во Грција, „Лидл“, е многу успешен, но германскиот концерн, како што тврдат познавачите, при својата експанзија морал да плати екстремно „надуени“ цени за парцелите.

Надеж во помладите генерации

„Генерацијата Ипсилон“ (годиштата меѓу 1980 и 1995. година) е првата генерација која воопшто ја става под прашалник корупцијата, од независноста на земјата во 1821. година. Овие млади луѓе не сакаат да ја прифатат „чумата“ која ја парализира нивната татковина. Раните предизвикани од кризата се предлабоки. Оваа генерација е добро образована, но само десет проценти од неа наоѓаат работно место, останатите се невработени или се влечат низ животот со слабо платени хонорарни работи со 400 или 500 евра месечно.

Оваа  генерација не прифаќа да плаќа мито, туку чека на легално добивање работно место, без оглед што тоа трае подолго. „Тоа е правилно, генерацијата на нашите родители ја уништи оваа земја. Сега е наш ред да учиме од грешките“, вели претприемачот Констатинос Константинидис. Тој е горд што нешто произведува, а не да чека на следниот државен тендер, како бројни фирми во земјата.

Многумина од „генерацијата Ипсилон“ отвораат приватни фирми, почнувајќи од училиште за танцување, па до подигање маслинови насади на родителско земјиште. На оваа генерација не ѝ е потребно толку многу за живот како на нејзините родители. Животниот стандард на родителите за неа и онака по правило е недостижен. Оваа генерација уште нема решавачки збор во земјата, но со неа Грција ќе добие вистинска шанса за промена, што во основа би била рамна на револуција.