1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Грција бара отштета за германските воени злосторства

СН/ агенции
18 април 2019

Парламентот во Атина одлучи: Грција официјално ќе побара од Германија репарации за воени злосторства и воените штети претрпени за време на Втората светска војна. Станува збор за 290 милијарди евра.

https://p.dw.com/p/3H0Gk
Griechisches Parlament - Syntagma-Platz
Фотографија: picture-alliance/ANE

Грчкиот парламент гласаше со големо мнозинство за тоа официјално да се побара исплата на репарации од Германија за воените штети и злосторства за време на Втората светска војна. Според грчката експертска комисија, станува збор за речиси 290 милијарди евра. Претседателот на парламентот, Никос Вуцис, го поднесе предлог-законот кој ја повикува грчката влада да ги преземе сите неопходни дипломатски и правни чекори. Најнапред, тоа треба да биде т.н. вербална нота, која вообичаено е пишана порака од друга држава до германското министерство за надворешни работи.

„Барањето за исплата на репарациите е историска и морална обврска за нас", рече премиерот Алексис Ципрас во својот говор пред парламентот. Тој , како што рече, не сакал да ја поврзува оваа тема со тешката финансиска криза од последниве години и долгот на земјата. Но сега, по завршувањето на меѓународните програми за помош, дојдено е вистинското време, рече Ципрас.

Успешното поставување на барањата за репарации од Германија беше изборно ветување на Ципрас во 2015 година.

Побарувања на Атина во висина од 289 милијарди евра

Експертска комисија која ја свика парламентот во Атина пред три години ја процени големината на побарувањата на најмалку 289 милијарди евра .

Под окупација на германските нацисти од април 1941 до септември 1944 година, убиени биле околу 300.000 грчки државјани. Нацистите извршиле бројни масакри, како на пример оние во местата Лингијадес, Дистомо, Калаврита, Канданос или Вијанос. Освен тоа, окупаторската власт од грчката централна банка во 1942 година земала принуден заем, чија вредност тогаш изнесувала нешто помалку од 500 милиони рајхс марки, а денес со каматите би вредел неколку милијарди евра.

Повеќе:

-Грција ѝ должи на Германија милијарди - или обратно?

-Грција опстојува на барањето на отштета од Германија

-Кому Германија плати воена отштета?

На почетокот од годината, грчкиот претседател Прокопис Павлопулос одново се заложи за побарањата за воена отштета од Германија. Според него, тие би морало да бидат разјаснети од страна на компетентет правен форум во Европа.

Griechenland Parlament in Athen Abstimmung Reparationsforderungen an Deutschland Alexis Tsipras
Фотографија: Reuters/G. Baltas

За Германија темата е затворена

Портпаролот на германската влада, Штефен Зајберт, даде изјави уште пред усвојувањето на резолуцијата во грчкиот парламент. Германската сојузна влада, како што рече, е свесна „за големата вина и за големите страдања"  кои Германија ги предизвикала во Грција во периодот на националсоцијализмот. Меѓутоа, за прашањето на репарациите ништо не е сменето во ставот на официјален Берлин. Владата смета дека ова прашање е „законски и политички решено", истакна Зајберт.

Германија постојано ги отфрлаше грчките барања за репарации. Како облазложение официјален Берлин, меѓу другото, наведува дека принудниот заем земен од грчката централна банка потпаѓа под Лондонскиот договор за долговите од 1953 година, кој ја ослободува Германија од сите репарации и надоместоци. Освен тоа, за Германија, темата е затворена договорот Два плус Четири кој беше потпишан во 1990 година како меѓународна основа за повторното германско обединување. Во него се наведува дека не се предвидени натамошни репарации.

Спорот околу побарувањата за воена отштета ги оптоварува германско-грчките односи со години. Згора на тоа дојдоа и условите на меѓународните доверители за време на грчката должничка криза, за кои многу Грци се сомневаа дека се поставени под влијание на владата во Берлин.