1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција во „пат“ позиција

Александар Методијев/афп/миа14 мај 2012

Последни обиди за формирање влада во Грција, со мали изгледи за успех. Сириза одби да учествува во влада на национален спас, нови избори се’ поизвесни.

https://p.dw.com/p/14una
Фотографија: Reuters

Рачно изработена бомба експлодираше пред даночна канцеларија во Атина предизвикувајќи штета, но не и повреди. Се смета дека направата била подготвена од плински боци – метод што го користат анархистичките групи.

Експлозијата се случи додека во земјата се прават последните обиди за формирање влада. Разговорите за формирање кризна влада ќе продолжат денеска во кабинетот на претседателот Каролос Папуљас, каде ќе учествуваат конзервативците, социјалистите и радикалните левичари.

На продолжението на денешните преговори одби да учествува радикалната левица Сириза. Алексис Ципрас истакна дека „Сириза одбива да биде ’лево алиби’ на една влада која ќе ја продолжи политиката на мерки за строги економии, што народот ја отфрли на 6 мај“.

И лидерот на ултрадесничарската партија Златна зора Никос Михалолјакис изјави дека нема да даде парламентарна поддршка на влада која ќе продолжи да ги применува мерките на штедење во замена за кредити од Европската унија и од Меѓународниот монетарен фонд.

„Земјата е под финансиски напад... Грците гласаа против условите на планот за спас, па така ЕУ и ММФ досега требаше да заминат од земјата“, посочи Михолалјакис.

Нема пари, ако нема влада

Еврогрупата нема да и’ даде повеќе пари на Грција, додека во Атина не биде формирана влада, која ќе гарантира исполнување на програмата за заздравување на државните финансии, изјави висок европски дипломат во Брисел.

EU Währungskommissar Olli Rehn Frühjahrsprognose 2012
Еврокомесарот за економија Оли РенФотографија: Reuters

Ситуацијата во земјата ќе биде главна тема на денешната седница на министрите за финансии на државите од еврозоната. На средбата нема да биде разгледано доставувањето на Грција на дополнителна помош во износ од една милијарда евра.

„Додека во Атина не биде формирана влада, која ќе ги потврди исполнувањата на меѓународните финансиски задолженија, Грција нема да добие повеќе ниту еден цент“, изјави цитираниот евродипломат во Брисел.

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо минатиов викенд изјави дека „еврозоната е клуб чии членови живеат согласно правилата, и ако правилата не се почитуваат, тогаш клубот треба да се напушти“.