1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција ги очекува резултатите од германските избори со надеж и страв

Р. Ѓорѓиев/дпа21 септември 2013

Во Грција со неизвесност се следеше предизборната кампања за парламентарните избори во Германија. Грците стравуваат дека победата на Меркел за нив ќе значи нови мерки за штедење.

https://p.dw.com/p/19i7C
Фотографија: Getty Images

Стоејќи пред Агенцијата за невработени во центарот на Атина, еден младич покажува кон ѕидот на спротивната зграда исцртан со графити.

„Ги гледате ли тие зборови на ѕидот таму - ’Васаницомаи’?“, прашува дваесет и деветгодишниот Костас Ефтимиадис.

„На грчки тоа значи ’јас страдам’ и перфектно ја опишува мојата генерација“, додава тој.

Стапката на невработеност во Грција достигна 27,9% во јуни, оставајќи речиси две третини од младите без работа. Земјата со мешавина на чувства од страв и надеж е во исчекување на резултатите во Германија, каде се очекува победа на канцеларката Меркел. Граѓаните на Грција, која е неколку години во криза, се плашат дека реизборот на конзервативната канцеларка ќе им донесе уште повеќе штедење и страдања.

Unruhen in Griechenland
Грчките ѕидови се‘ почесто се поле за изразување на мислењеФотографија: AP

„Не постои простор за оптимизам, речиси никој не верува дека Меркел ќе омекне. Напротив, таа од сите јужно-медитерански земји ќе побара повеќе штедење и мерки за кратење на долгот. Во најлош случај таа ќе ја ’фрли’ Грција на волците“, вели Ефтимиадис, кој неодамна ја загубил работата во автомеханичарски сервис.

Нови мерки за штедење

Повеќето од експертите се согласуваат со ваквиот став. Тие велат дека доколку Меркел биде реизбрана, таа ќе ја засили својата агенда на кратење на долговите, а постојат мали шанси дека ќе покаже попустливост за еврозоната.

Јанис Варуфакис, професор по економија на Универзитетот во Атина вели:„Нашата влада веќе со месеци има голема надеж за изборите во Германија. Тие очекуваат дека резултатите од нив ќе донесат „добра“ и олеснување за грчкиот народ, но Грците всушност не веруваат во тоа“.

Никос Констандардас, главниот уредник и колумнист на „Катимерини“, најпродаваниот грчки дневен весник, смета дека и последната тронка надеж дека Германија ќе ја промени својата позиција за бесконечно штедење е веќе мртва.

„Ние Грците, сме изненадени колку често Грција се споменува во германската изборна кампања“, додава тој.

Тој продолжува: „Вознемирува фактот дека некој зборува за вас, без вие да сте таму и да ја објасните вашата страна од приказната. Сето тоа покажува дека постојнава криза го урива цивилниот карактер кој би требало да биде дел на заедничкиот европски идентитет“.

Расправата за можен трет или или и четврти пакет за спасување, со цел да се затвори буџетската дупка во Грција, играше голема улога во изборната кампања во Германија. Меркел изјави дека Грција не ни требало да биде примена во еврозоната. Во последниве неколку години, како заеми за помош за спасување од банкрот, Грција доби 250 милијарди евра. Се стравува дека сега, Германија која е најголемиот поединечен позајмувач, размислува да си ги „измие рацете“ од јужната медитеранска земја.

Deutschland Wahlplakate
Меркел, надеж или страв?Фотографија: picture-alliance/dpa

Во неговата последна книга „Умирање од штедење“, Бини Смаги, поранешен член на извршниот одбор на Европската централна банка, тврди дека Меркел си играла со идејата Грција да биде исфрлена од еврозоната во есента 2012. Според него, кога Меркел конечно била убедена дека излегувањето на Грција ќе биде прескапо за Германија, го насочила својот притисок кон конзервативната грчка влада избрана во јуни 2012 година.

Уште колку заеми?

Но, некои експерти сметаат дека идејата би можела пак да заживее.

„Мислам дека многумина во Германија сега сфатија дека Грција не е ниту близу до средување на своите економски проблеми и дека работиве не можат да продолжат вака“, вели еден политичар од коалициската влада на Грција, предводена од конзервативците.

„Порано или подоцна, Германците ќе речат дека ќе нема повеќе пакети за спас, време е вие да ја напуштите еврозоната“, вели еден грчки политичар кој сака да остане анонимен.

Во дипломатските кругови постојат големи надежи дека проблемите на земјата со долговите ќе бидат решени по германските избори, имено со нивно отпишување.

Димитрис Друцас, грчки европратеник, вели дека Грција станала жртва на германската изборна кампања.

„Многу е јасно дека нешто повеќе мора да биде направено во Грција, имено многу дарежливо и храбро ’потстрижување’ на долгот. Грчкиот долг е толку голем што секогаш ќе биде товар и доколку тоа не се случи, никогаш нема да излеземе од кризата. За германскиот електорат, оваа вест не е убава, политичарите мораат да бидат јасни и искрени и да кажат дека тоа ќе значи губење на пари на даночните обрзници“, додава тој.