1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција - половичната подршка, лош знак

Спирос Москову/З. Јордановски8 ноември 2012

Грчкиот парламент со минимално мнозинство го одобри најновиот пакет мерки за штедење помина. Критиката на мерките е лицемерна, оти Грците сами се виновни за кризата. Коментар на Спирос Москову.

https://p.dw.com/p/16fgX
Фотографија: Reuters

Изгледа како иронија на историјата дека во Грција токму партиите кои ја носат главната одговорност за лошата економска политика, корупцијата и клиентелизмот, сега како партнери во коалиционата влада мораат да ја спасуваат „татковината“. Парламентот со минимално мнозинство го одобри третиот пакет со мерки за штедење и реформи за последните три години. Коалицијата не успеа да обезбеди ни целосна подршка од своите редови - недостасуваа гласови и од конзервативната Неа демократија, партија на премиерот Антонис Самарас, како и од социјалдемократскиот ПАСОК на Евангелос Венизелос. Третиот партнер, малата Партија на демократската левица на Фотис Кувелос, дури целосно одби да даде согласност, оти мерките за новелирање на трудовото право, договорени со Тројката од меѓународните кредитори (ЕУ, ЕЦБ и ММФ), ги смета за премногу далекусежни.

Сите партии на опозицијата, во прв ред радикалната левица на популистот Алексис Ципрас, категорично и недиференцирано го отфрлија пакетот мерки за штедење, означувајќи го како ѓаволска работа. Коалицијата не изгледа како влада на национален спас, а ни опозицијата не дејствува како одговорен и конструктивен фактор. Кризата само ги заостри сите болести на задоцнетата новогрчка демократија.

Крај на „самопослужувањето“

Политичкиот систем со енормни тешкотии се ослободува од долгата, „мрсна“ ера на „самопослужување“ и делење функции и приходи. Вжештената, честопати реторички надувана дебата во парламентот и повтореното жигосување на Германија и на меѓународните кредитори од устата на народните претставници од различни партии, уште еднаш ги изнесе пред очи длабоката провинцијалност и лицемерие на грчката политика. Прво со години се правеше се’ или се пропушташе се’, за економски да се поткопа суверенитетот на земјата. Сега, кога таа опстанува од трошките од кредиторите, се изнесуваат поплаки поради интервенции на туѓи, злобни сили.

Deutsche Welle Griechenland Redaktion Spiros Moskovou
Спирос МосковуФотографија: DW

Притоа грчките влади самите предолго се колебаа да го санираат јавниот сектор и да го заживеат стопанството. Сега однадвор изнудената реформска ревност дава и необични плодови, кои меѓутоа се типични за политичката култура на земјата. Уште за време на парламентарната дебата министерот за финансии Јанис Стурнарас се обиде со итен анекс кон реформскиот пакет да наметне бришење на различни привилегии на службениците во парламентот. Кога тие се заканија дека веднаш ќе стапат во штрајк и со тоа го загрозија гласањето, Стурнарас го повлече предлогот. Така парламентарните службеници останаа во подобра позиција отколку другите државни службеници.

Лош знак

Половичната подршка за реформскиот пакет не е добар знак за иднината. Во моментов и во политиката, како и во општеството надмоќ имаат силите на одбивањето. Не е на повидок некаква нова култура на работа. Новата транша од меѓународната помош во износ од 31,5 милијарди евра сепак дава малку надеж. Таа нема да донесе спас, но во комбинација со договорените структурни реформи помошта може да значи мала шанса за колабираната економија - а со тоа и за заздравување на Грција, тој нужен и неподнослив европски партнер.