1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција сака да привлече турски инвеститори

Селџук Октај/Зоран Јордановски1 април 2012

Деновиве грчка делегација го посети Истанбул за да агитира кај турски инвеститори. Условите поволни, но турските инвеститори чекаат прво да се стабилизира Грција.

https://p.dw.com/p/14W2Q
Фотографија: picture-alliance/dpa

Од програмата за приватизација на државниот имот Грција очекува 50 милијарди евра, од кои 19 милијарди веќе до 2015 година. Панос Протопсалтис, шеф на Одделот за приватизација при Управата за државна сопственост, кој ја предводеше грчката делегација, ги информира потенцијалните турски инвеститори за процесот на приватизација.

Селим Егели, шеф на Турско-грчкиот економски совет при Комората за надворешно-економски односи, многу позитивно ја оцени средбата и го нагласи големото интересирање за неа кај турските инвеститори: „Турските фирми многу внимателно ги следат можностите за инвестирање во Грција. Во последниот месец ипол 15 фирми искажаа желба да инвестираат таму. Сметам дека фактичката бројка е секако повисока“.

Грција ризична, но без ризик нема успех

Karte Griechenland Türkei Grenze

Егели не гледа никакви политички неповолности меѓу двете земји: „И Грците инвестираат во Турција - овде има повеќе од 100 грчки фирми. Во стопанството на 21 век поимот ’стратегија‘ веќе не важи“. Според него, за турските инвеститори може да дојде предвид и купување плацови на грчките острови. Со програмата за приватизација се опфатени 3 проценти од грчката територија. Не се продаваат цели острови, укажува Егели, некои медиуми погрешно информирале. Кај продажбата Грците поставуваат одредени услови - кој ги прифаќа, може да ја реализира инвестицијата. „Се разбира, во Грција има и ризици поради актуелната ситуација. Но, не е можно да се постигне успех без да се влезе во ризик. Турските претпријатија го знаат тоа и се заинтересирани за Грција“, вели Селим Егели за ДВ.

Прво стабилност, па потоа вложување

Olympia 2004
Фотографија: AP

Билент Ајмен, координатор за Балканот во Собранието на турските извозници, е повоздржан и укажува дека поради кризата во Грција опаѓа билатералната трговија. Според податоци од турското министерство за стопанство, во јануари годинава вредноста на турскиот извоз во Грција изнесувала 102 милиона долари, наспроти 128 милиони лани, што значи пад од 20 проценти. „Во Грција во моментов има атрактивни можности. Но, и покрај поволните услови, турското стопанство чека Грција да постигне одредена стабилност. За да можат да се конкретизираат инвестиционите планови, Грција мора да покаже трајна стабилност за во иднина“, нагласува за ДВ Билент Ајмен.