1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција: Страв од распродажба

Антје Пипер / Зоран Јордановски28 октомври 2012

Грција има околу шест илјади острови. Државата сега сака 40 да даде под наем на долг рок. Многумина Грци веќе сега жалат поради распродажбата на нивната земја.

https://p.dw.com/p/16Rvy
Фотографија: picture-alliance/Oliviero Oliv

Сонот за сопствен остров може да стане реалност, на пример, во Коринтскиот залив. Мал, но ексклузивен - единаесет хектари карпи за само еден ипол милион евра. За цената може да се преговара, вели посредникот за недвижности. Досега во Грција можеа да се купат само острови во приватна сопственост, но под отежнати услови.

„Во Грција има многу острови за продавање, но за најголемиот дел ја нема неопходната дозвола. За овој остров се’ е расчистено по повеќегодишна постапка кај властите“, вели Панајотис Крицимас, посредник за недвижности.

Се’ уште нема официјално пристаниште, посетата е авантура. Нема ни довод за вода и струја, но тоа се ситници кога веќе ги има сите потребни дозволи. Посредникот гордо ги покажува градежниот план и печатите од трговската и воена морнарица, цивилните и воените власти за воздушна пловидба, министерството за екологија, комитетот за користење на крајбрежниот појас, и - да не ги заборавиме - заводот за шумарство и археолошките власти. Сето тоа е потребно за да се користи остров во државна сопственост.

„Нашата земја не би загубила ништо ако се користат некои острови. Како што на брегот се користат недвижности за туризам, зошто не и некој остров?“, прашува Крицимас.

Грција има околу шест илјади острови. Државата сега сака 40 да даде под наем на долг рок. Три од нив се наоѓаат помеѓу западниот брег и островот Крф. Костас Росис секојдневно носи туристи. Островите досега се ненаселени, неповторлив рај со кристално бистра вода.

Insel Naxos in Griechenland
Грција има околу шест илјади островиФотографија: picture-alliance/Rainer Hacken

„Туристите се извонредно импресионирани од природата, тишината, засебноста. Овде нема многу луѓе што би пречеле. Плажите се најчесто осамени и мислам дека токму Германците овде најрадо би си ја опуштиле душата“, вели Росис.

Облакодери никој не сака да гледа, луѓето доаѓаат поради недопрената природа, ми објаснува Росис. Се разбира, и тој заработува со тоа што води туристи како мене на осамени острови и навечер ги враќа назад, но плановите на владата да изнајмува острови ги смета за катастрофа.

„Нема да добиеме ништо ако го продадеме ова богатство. Погледајте какво богатство е ова и сега претставете си овде да има два или три хотели. Што ќе ни ги парите, ако целата наша природа биде уништена?“, прашува Росис.

Insel Paros
Mногумина Грци стравуваат дека убавината на земјата ќе биде распродаденаФотографија: picture alliance/Robert Harding World Imagery

Во пристаништето Сивота засега се во исчекување. Трите острови се’ уште се на еден список, но искуството учи дека приватизирањето ќе потрае. Рибарот Николаос Росис оценува:

„Може да биде позитивно, но и негативно. Прашање е што ќе се гради. Ако тоа биде добро направено и се отвори работа за луѓето, тогаш е добро. Но што ако не биде така?“

Многумина немаат доверба во властите и поради тоа целосно се против давањето на островите под наем. Угостителот Андреас Калергис е убеден:

„Со беспланското градење, при што не се прилагодуваат градбите на природата, туку обратно, како што е кај нас, тоа би било апсолутно катастрофално.“

Грција се’ уште ги подготвува градежните прописи. Николаос Цоварас вели дека многумина Грци стравуваат дека убавината на земјата ќе биде распродадена, но не гледа друг излез.

„Не ни преостанува ништо друго, туку да создаваме доверба и таму, каде ја немаме. За жал, се најдовме на работ на пропаста и безусловно ни е потребна помош. Ако се спротивставиме на некаков развој, ќе имаме целосен застој“, вели угостителот Цоварас.

Германските туристи се’ уште можат да уживаат во природата. Ќе потрае долго додека да бидат совладани сите бирократски пречки и државата вистински заработи пари од островите - ако воопшто дојде до тоа.

Но, многумина Грци веќе сега жалат поради распродажбата на нивната земја.