1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција ќе ја преиспитува пресудата во Хаг

5 декември 2011

Грција ја преиспитува одлуката на највисокиот суд на ОН, кој ја осуди земјата за прекршување на преземените обврски кон соседна Македонија, со противењето за прием во НАТО. Кабинетот на Филе сака да види обновен ангажман

https://p.dw.com/p/13MpY
АтинаФотографија: Bilderbox

Од грчкото МНР велат дека одлуката на Меѓународниот суд на правдата не се однесува директно на долгогодишната дипломатска кавга за официјалното име на Македонија.

„Со цела почит кон Меѓународниот суд на правдата, како највисок судски орган на ОН, но Грција ја преиспитува одлуката“, информираа од Министерството.

„Грција ќе продолжи да ги води преговорите со добра волја за да се постигне заеднички прифатливо решение за името, во духот на релевантните резолуции на Советот за безбедност и Генералното собрание на ОН“, додаваат од грчкото МНР.

Судот, при објавувањето на пресудата, посочи дека не смета оти е неопходно да и‘ нареди на Грција да се воздржи од идни блокади на апликациите за членство во меѓународните организации. Од грчкото МНР не кажуваат дали ќе има промена во ставот за блокирање на земјата во НАТО и ЕУ. Упатуваат одговорот да се бара во соопштенито на сајтот на министерството за надворешни работи. Таму едниствено се повторува добро познатиот грчки став дека „одлуките на НАТО од Букурешт, Стразбур и Лисабон се донесени едногласно и тие ја одразуваат заедничката убеденост на земите членки дека прашањето за името на Македонија мора да се реши пред да биде поканета да се приклучи на Алијансата“.

NO FLASH Stefan Füle EU Europäische Kommission
Грција и Македонија, да ги обноват разговорите под покровителство на ОН, укажува кабинетот на еврокомесарот Штефан ФилеФотографија: AP

Кабинетот на Филе сака да види обновен ангажман во преговорите за името

Двете страни, Грција и Македонија, да ги обноват разговорите под покровителство на ОН, укажува кабинетот на еврокомесарот Штефан Филе, по донесената пресуда на Меѓународниот суд на правдата.

Европската комисија не сака да ја коментира пресудата на Меѓународниот суд на правдата, со која Грција беше осудена за прекршување на времената спогодба, поради тоа што нема надлежност над тоа прашање, но ги повикува двете страни повторно да се ангажираат во преговорите за името. „Тоа е интерес на двете земји, на поширокиот регион и на ЕУ“, забележуваат од кабинетот на Штефан Филе.

Автор: Александар Методијев /афп

Редактор: Е.Милошевска Фиданоска