1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчките медиуми типуваат на „Горна Република Македонија“

БГ/миа/макфакс10 април 2013

Проценките на грчкиот печат се дека Метју Нимиц дал нов предлог со географска одредница кој целосно не ги задоволува грчките барања во спорот.

https://p.dw.com/p/18D1P
Фотографија: dapd

„Горна Република Македонија“ најверојатно е предлогот што медијаторот Нимиц изминатите два дена им го претставил  на преговарачите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, и побарал по него да се изјаснат властите во Атина и Скопје. Ова во вторник го откриваат грчките медиуми, кои подвлекуваат дека географската одредница е пред терминот Република, а не пред Македонија. Во однос на условот на Грција името да биде за севкупна употреба, истите извори тврдат дека според најновиот предлог, тоа ќе биде за „најширока можна употреба". Грчките медиуми додаваат дека властите во Атина се загрижени од ваквиот развој на настаните и не се исклучува можноста предлогот на Нимиц да биде одбиен. 

Грчкиот весник „Капитал“ проценува дека новиот предлог на медијаторот Метју Нимиц нема да биде повеќе од формула само за билатерална употреба.

„Премногу е рано да се знае кои се параметрите на новиот предлог на Нимиц. Во суштина, невозможно е да одреди што предвидува медијаторот за решавање на едно од најкритичните прашања за Атина, пишува новинарот Костас Раптис, додавајќи дека има спектар предлози за кое било име со географска одредница, како на пример „Република горна/северна Македонија“.

Тој анализира дека со усвојувањето на име „ерга омнес“ ќе треба да се промени и Уставот на Македонија што ќе биде многу тешко, а тука се и две земји, членки на ЕУ, кои во  последните месеци го признаа уставното име на Република Македонија, така што логично се заклучува дека предложеното решение ќе биде само за билатерална употреба.

Тој тврди дека средбите во Њујорк се координирани со вчерашнатна посета на еврокомесарот за проширување Штефан Филе на Скопје и усвојувањето на резолуцијата за Македонија од страна на Комитетот за надворешни работи на ЕП со која од владите на 27-те членки на ЕУ се бара во јуни да ги почнат пристапните преговори со Македонија.