1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчки даночни „грешници“ избришани од листата!?

ЖА/дв/дпа/ртре29 декември 2012

Т.н. „Лагард“ список во Грција стана симбол за недоволната активност на грчките власти. Сега листата со имиња на затајувачи на данок предизвикува нова бура, избришани се имињата на роднини на екс-министерот за финансии.

https://p.dw.com/p/17B4g
Фотографија: picture-alliance/dpa

Листата која исчезна во 2010. година и неодамна повторно се појави во нова верзија, а во која се содржани податоци за околу 2 илјади грчки осомничени даночни криминалци, сега го доведува во непријатна положба поранешниот министер за финансии Јоргос Папаконстантину. Повеќе медиуми во Атина јавуваат дека од листата се избришани имиња на негови роднини. Тоа го констатирало државното обвинителство споредувајќи ги двата примероци на списокот, тврдат медиумите. Се работи за 1,2 милиони евра, кои двајца роднини на Папаконстантину ги вложиле во банки во Швајцарија. Нејасно е дали парите претходно биле оданоќени во Грција. Грците чии имиња се во т.н. „Лагард“ список, до 2007 година наводно депонирале околу две милијарди евра во Швајцарија. Папаконстантину за грчкото радио изјави дека тој не ја преправил листата. На неговата партија, социјалдемократскиот Пасок, и‘ беше доволно и самото сомневање, екс министерот е исклучен од членство.

Giorgos Papakonstantinou Umweltminister Griechenland Porträt
Обвинувања на сметка на екс-министерот Јоргос ПапаконстантинуФотографија: picture alliance / dpa

Поранешната француска министерка за финансии и сегашна шефица на ММФ, Кристин Лагард, во 2010. година му ја испрати листата на својот колега Папаконстантину. Податоците на вложувачите беа украдени од вработен во швајцарска банка. Тогашниот министер Папаконстатину листата ја предал натаму на шефот на грчката даночна служба. Во секој случај, службите не постапиле воопшто според овие податоци, зашто потекнувале од илегални извори. Потоа листата исчезнала во лавиринтот на атинската бирократија.

Овој случај во Грција предизвика големо огорчување. Додека граѓаните на презадолжената земја мака мачат со драстичните мерки на штедење, елитата ги изнесе парите од земјата, гласи критиката. Поради притисокот на јавноста и медиумите, грчките обвинители на 21. декември отпатуваа во Париз, за да добијат копија на документот. Во Грција досега пред суд не беа ставени поголеми даночни грешници. А масивното затајување данок важи за една од причините за тешката состојба на биџетот во оваа европска држава.